Името на Мила Кадриу асоцира на префинети вечерни тоалети и елегантни венчални фустани. Таа во модниот свет преку својот бренд MCouture е препознаена како специјализирана во изработката на фустани кои се гламурозни, но едноставни и носливи во исто време. Иако професор по природни науки, со својот исклучителен осет за тоа што жената посакува и за што има потреба, таа од пред седум години започнува да дизајнира ултра женствена облека како внатрешен порив од кој не може да избега.
-Иако дипломирав на Природно-математичкиот факултет, сепак успеав да го реализирам мојот најголем сон – дизајнирање облека. Колку и да беше тежок патот да се основа бренд во не толку сјаен пазар, а сепак со традиција кога се зборува за текстил, вредеше секој ден напорна работа. Според мене каде и да си, без разлика од каде доаѓаш и кој си ако имаш сон и се бориш да го реализираш тоа и ќе се случи – вели Кадриу.
Нејзиниот дизајнерски процес започнува со конкретна инспирација, без разлика дали е тоа моментно чувство или долга размисла. Потоа следат скици и игра со материјалите презентирајќи си ја така идејата најпрво себе си пред да го концепира фустанот.
-При крајот на изработката на една колекција веќе знам како ќе изгледа следната, тоа е почетната точка, следува селекцијата на цртежи која ја правиме паралелно со одбирање на материјалите, одредување на палетата на бои, моделирање и понатаму следува изработката. После идејата процесот трае три добри месеци, 6 члена во тимот се вклучени од самиот почеток, а последниот месец работи тим од 12 члена.
Својата најнова колекција на MCouture за пролет–лето2014, трета самостојна по ред, ќе ја презентирa на 5 април во ботаничката градина „Хорти eксперт“ во рамките на Моден Викенд-Скопје. Настанот е наречен Fashion and Brunch.
-Колку што ми е важна колекцијата, исто толку ми е важен и просторот каде ќе биде презентирана, според мене само така ќе биде доловен комплетно концептот на самата колекција. Ова не е само презентирање, туку и модно шоу. Се е планирано и адаптирано според просторот, нема да има класична писта туку подинамично движење на манекенките. Музиката е веќе во потготовка од наш познат диџеј. Соработката со FWSK продолжува, има подобрување и меѓусебна доверба што е многу важно за да се постигнат позитивни резултати и да се истрае во напорните подготовки . Очекувам како и до сега позитивен фидбек и качување ниво погоре на MCouture – ќе додаде дизајнерката.
Попрезентирањето во Скопје Мила Кадриу планирa и учество во Приштина, секако продажба во ателјето во Скопје и дел во Струмица преку Casamento!
За самата колекција посочува дека оваа сезона парчињата се малку поразлични од минатите, тие се доста посмирени и не толку свечени.
-Формите се поизразени, но врз транспаретни ткаенини. Силуетата е покомотна, но сепак се наѕира, доминираат црно-белите комбинации врз шарените свили, помеѓу нив се појавуваат кремастата, розевата и боја на јоргован како освежување, а тантелата е застапена делумно – објаснува Кадриу.
Таа ќе нагласи дека по првите две самостојни ревии во претходните сезони на FWSK, од кои за првата инспирација беше стилот Чарлстон, а за втората Индија, за оваа претстојна ќе рече дека колекцијата е за необична и смела жена, која експериментира и дефинитивно не е класична.
Кадриу презентира дизајни кои се актуелни, впечатливи и одраз на прецизна работа рефлектирајќи ги последните модни трендови. За неа светските трендови имаат влијание, но дека тука важна улога има и уличната мода. Сепак, пред сè важно е расположението на дизајнерот во моментот на креирање на нова колекција кога едноставно ја имa замислата во својата глава. Издржливоста и довербата во себе ги стекнува за време на нејзината работa во САД, a идејата беше да се продадат готови фустани, но потребата била креирање и изработка по мерка на клиентот.
-Духот на ателјето ме исполнува комплетно, секој фустан станува дел од мене и тоа е разликата со индустриското производство. Работата со клиентите ми е најважна и во тој дел сум целосно посветена, одвојувам време за нови колекции за да биде мисијата комплетирана. Моите клиенти се од различни профили, доминираат жените од бизнис секторот, познати наши личности, имаме доста странци кои се дел од дипломатскиот сектор. Возрасната граница се движи од 25 до 40 години, луѓе кои знаат што сакаат, имаат каде да ги носат нашите креации. Ателјето е отворено за сите жени и девојки кои се пронаоѓаат во нашиот стил – ни кажа Мила.
Освен оваа колекција, која ќе биде нејзина втора за годинава (по Bridal колекцијата), Кадриу планира и колекција за есен-зима што ќе ја претстави во октомври. Има многу планови, но сè во свое време. Веќе следната недела ќе има фотосесија за каталог со наши познати ѕвезди.
Нема коментари