Цветни и животински, девојчешки кратки фустани и долги, лелеави варијанти, здолништа со принт и шарени бунди, чизми со мотиви и Мери Џејн чевли, плетени џемпери и лурекс детали, креативниот директор на куќата „Гучи“, Алесандро Микеле за сезоната предесен 2016 претстави колекција со ретро референци и богата со бои и шари. Колекцијата е кохезивно продолжување на работата на Микеле од претходните сезони, што сведочи за флуидниот креативен талент на дизајнерот поткрепен со интуитивно, емоционално и интелектуално толкување на историски референци. „Резултатот е хаотична кохерентност. Како модерна Луис Керол, Микеле рекреира убава, надреалнa земја на чудата, каде што се среќаваат детското со раскошното, лежерното со кралското. Микеле не измисли нови форми, туку ги истражува декоративните можности на женските модни парчиња“, пишува WWD за колекцијата. Микеле во соработка со уметникот Ари Маркопулос, кој го фотографираше овој lookbook, создадоа амбиент инспириран од вилите во Помпеја, обвиткана со ноќна атмосфера која потсетува на фламанското сликарство.
Нема коментари