Колку развојот на новите технологии e битен, на време и многу добро го има разбрано младиот австриски дизајнер Михаел Квестер, кoј за многу кусо време ги претрка своите постари колеги. Преку социјалните мрежи и своите сопствени контакти, за само пет години од основањето на својата модна куќа Cassida, тој успеа да допре до најголемите светски ѕвезди, кои сè повеќе се приврзаници на неговиот моден бренд. Со него се стретнавме деновиве во Виена. Во ексклузивното интервју вели дека холивудските ѕвезди сакаат да ги имаат само најновите работи, секогаш пред да излезат на пазарот.
-Имавме среќа што на Џони Деп, Пинк, „Блек ајд пис“ веднаш им се допадна нашата облека и така работата молскавично се разви. Тие ѕвезди денес први ја добиваат колекцијата и со задоволство ја носат. Најважното е што ние не ги плаќаме ѕвездите за да ја носат нашата облека. Тоа е правило на нашиот бренд. Облеката или им се допаѓа или не.
Листата на познати имиња кои носат креации на Cassida во светот рапидно се шири: Моби, Пит Бул, Ерик Морило, „Рамштајн“… Дизајнерот за одредени ѕвезди изработува поедини линии, кои најдобро одговараат на нивниот карактер.
-Во Лос Анџелес ја имавме првата своја голема ревија. Гости беа членовите на „Блек ајд пис“ и одеднаш дојде целиот бенд на „Ол фор уан“ (All 4 One) . Така ги запознавме нив, а бидејќи тие познаваат други актери тоа така се шири. Кога ќе запознаеш некои луѓе, понатаму е едноставно.
Со усно рекламирање и пофалба за Михаел и неговата работа брзо се расчу во Холивуд, и актерот Ијан Зиринг, познат по улогата на Стив од серијата „ Беверли Хилс 90210 “ денес е негов добар пријател, па за досетливиот австриски дизајнер патот беше отворен.
- Почетокот е многу тежок. Џони Деп е да речеме многу голема ѕвезда. Но имавме среќа, нè поткрепи. Тоа е голем комплимент за мене и мојот бренд кога познати имиња ја носат мојата облека. И тоа без надокнада.
Интересно е дека тој нема формално модно образование. Но, отсекогап се интересирал за модата иако претходно само како косумент. Тоа и била причината зошто почнал да се занимава со дизајн, бидејќи не можел да го најде она што го барал за себеси.
- Сaмо сакав кошули за себе, сакав да имам скроени кошули, со навистина добар квалитет, па почнав дадизајнирам маици. По првите успеси си реков: „Во ред, јас можам да дизајнирам и кожени јакни, можам да дизајнирам и чевли исто така“. Па брендот почна да се шири и шири и сега имаме потполна понуда на машка облека, женска облека, сè што сакате – вели тој.
Нагласокот на оваа модна куќа е на луксузот, гламурот и звездениот статус, но облеката ја носат и оние кои гламурозно се чуствуваат во животот, иако можеби не се познати лица. Според Михаел најважно е личноста да се чувствува гламурозно во она што го носи.
-Работиме луксузна улична мода и ексклузивна облека за слободно време. Цените се малку повисоки, но нашата облека е многу квалитетна. Посебноста е во тоа што инспирацијата ни е секогаш стариот Рим. Тоа отсекогаш ме фасцинирало и затоа на маиците имаме секогаш латински изреки како на пример – За мртвите сè најдобро!
Латинскиот јазик во целата приказна не е случаен. Грижливо осмислен е секој чекор на тимот на Cassida и тоа резултира со сè поголем успех на меѓународна сцена . Тој вели дека отсекогаш го сакал стариот Рим, а зборот Касида (Cassida) на латински значи метална кацига. Римската декаденција и луксузот на стариот Рим се дел од секоја колекција.
Ширењето на брендот значи и ширење на бизнисот, па така неодамна е потпишан договор со најпознатиот произведувач на килими Омар Бесим, чиј еден таков килим веќе ја краси луксузната вила на Ијан Зиринг во Холивуд. Колекцијата на килими е насловена Cassida for Omar Besim. Тоа е сосем поинаков и сосем нов дизајн. Освен седумте града во светот во кои досега се продава овој луксузен бренд: Виена, Санкт Петербур, Њујорк, Лос Анџелес, Москва , Мајами и Милано, плановите се во најскоро време да се прошири низ повеќе градови во Европа.
Ексклузивно од Виена: Снежана Богдановска
Нема коментари