Последниот мастер-клас од проектот „Недела на излозите“ (Window Display Week) e со познатиот арт директор од Париз – Нико Неки. Во неговото богато портфолио се вбројуваат дела од областа на графичкиот дизајн, сценографијата, изработка на скулптури, дизајн, видеа и дигитално сликарство за инспиративни брендови и компании како Dior, Airbus, Mini BMW, Air France, Baccarat, Laurent Perrier, Montblanc, Sony, Moncler, Premiere Vision и многу други.
Мастер-класот ќе се одржи во понеделник, 28 октомври, од 18.30 до 20.30 часот, во Mladi Hub (Канцеларија на претстедателот на РМ, на адреса Димитрие Чуповски 7 – Рекорд, Скопје). Мастер-класот е бесплатен и ќе се одржи на англиски јазик.
Добро уредените излози се неверојатна алатка за комуникација. Денес, креирањето на излозите се појавува како нов предизвик во визуелната презентација на брендовите, процесот постојано се менува и често наликува на динамична форма на уметност. Повеќе од кога било, не се само производите она што го сакаат потрошувачите, туку искуствата и емоциите додека ги купуваат своите омилени нешта.
На овој мастер-клас ќе откриете нешто ново за стратегијата на „заведување” преку излозите. Ќе слушнете повеќе за медијацијата „помеѓу улицата и продавницата, помеѓу надвор и внатре, помеѓу приватното и јавното, и пред сè, медијацијата меѓу понудата и побарувачката.“
Нашиот гостин Нико Неки, дипломирал на ENSAD (Француското национално училиште за дизајн) во областа на визуелната комуникација. Како основач и член на групите IMAGINERS TANK и GRAPHICTHINKS, тој активно се занимавал со графичкиот дизајн, илустрацијата, скулптурата, видео продукција, и изработка на реклами за разни светски познати клиенти. Тој работел и изложувал во Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија, Германија, Финска, Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Бразил и Аргентина. Во последниве неколку години неговиот интерес е насочен кон дигиталното сликарство и климатските промени. Во 2019 година неговиот проект КРАЈ НА ЗЕМЈАТА е изложен во Дубровник, Хрватска, а неговиот тековен проект е насловен СЛИКА ЗА ПЛАНЕТАТА.
„Недела на излозите“ (Window Display Week) е проект зад кој стојат три креативки – дизајнерката и професорка Лидија Георгиева, архитектката Искра Јанковска Михајловска и модната теоретичарка Кристина Глигоровска. По повеќемесечни активности, предавања и работилници, проектот кој има за цел да ја крене визуелната култура во градот, ќе финишира во ноември годинава, на неколку излози на улица Македонија во Скопје, на кои ќе работат неколку групи составени од млади модни дизајнери и архитекти.
Нема коментари