Режисерот Ридли Скот, кој три пати е номиниран за Оскар за филмовите „Телма и Луиз”, „Гладијатор” и „Падот на црниот сокол”, ни ја носи одличната научно-фантастична авантура „Марсовец: Спасувачка мисија”. Филмот е снимен по бестселерот на писателот Енди Вир. Оскаровецот Мет Дејмон го игра астронаутот Марк Ватни, кој во сплет на несреќни околности останува сам на Марс. Сите сме се нашле во ситуација кога сме се чувствувале дека сме сами на овој свет. Само Марк Ватни знае како е да бидеш сам на Марс. По сомневање дека е загинат поради масовната бура која активирала итна евакуација на тимот, Ватни се буди повреден на Марс и за да опстане на планетата мора да реагира многу брзо. Ако успее да опстои и да биде првиот човек кој живеел на Марс, помошта ќе пристигне за околу четири години. „Ова е ултимативна приказна за опстојувањето“, вели режисерот Ридли Скот. „Марк Ватни се наоѓа под неопислива закана и изолација, а филмот ни претставува како тој одговара на непријатностите.
Судбината на Марк ќе биде одредена од тоа дали ќе подлегне на ситацијата, ќе почне да паничи и ќе прифати сигурна смрт – или ќе се потпре на неговиот тренинг, ресурсите и смислата за хумор за да остане смирен и да ги разреши проблемите“. Хуморот на Ватни е најважната алатка за неговиот опстанок и тоа е една од карактерните особини која го привлече Мет Дејмон да ја одигра улогата. „Ми се допадна хуморот, не само на Ватни туку и на останатите карактери“, вели Дејмон. „Комичниот тон никогаш не е слаткоречив и ја надополнува интензитивната драма во ситуацијата, што е честопати поврзано со научно-фантастичните жанрови“.
Филмот доби пофалби и од астронаутите во вселената кои неодамна имаа можност да го гледаат филмот. Астронаутите неодамна разговараа телефонски со ѕвездата на филмот, Мет Дејмон. Тие му се јавија на актерот, кој ја игра улогата на астронаут Марк Ватни, додека тој ја посети Лабораторијата за млазен погон во Пасадена, Калифорнија. „Тоа беше интересен разговор“, се присетува Линдгрен. „Секако дека ни беше забавно.“ Кели, кој е речиси шест месеци во вселенската станица, вели дека е тешко да се споредат нивните искуства во орбитата со патувањето до Марс. „За оние кои одат на Марс, особено за првпат, тоа ќе биде неверојатна дестинација и доживување, поради кои навистина ќе бидат возбудени“, вели Кели. „Не велам дека не сум возбуден и за други работи“. Екипажот на Марс, исто така, нема да циркулира постојано, а така е и на вселенската станица.
Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х беше дел од ефектите на најновиот филм на Ридли Скот. „На проектот работеа 30 артисти од периодот од март до јули годинава, и беа изработени 207 кадри или 32.25 минути. Филмот е не само oскаровски материјал, туку можеби според мое мислење ќе биде и најдобриот филм на Ридли Скот во последнава декада, нестрпливо исчекуваме да го погледнеме во целост„ изјави Кристијан Даниловски, ко-сопственик и извршен продуцент во ФХ3Х, кој за работата на овој проект додаде дека за првпат работеле stereoscopic matchmove.
Нема коментари