Со прошетка низ центарот на Скопје и танцов перформанс (флеш моб), основците од меѓународното училиште „Нова“ заедно со група на професори и родители денеска (петок, 31 март) ја подигaa јавната свест за значењето на чистиот воздух. Околу 130 учесници маршираа низ градот со маски на кои имаа напишано или нацртано различни пораки за превенција од загадувањето, а активноста ја заокружија со два флеш моба – еден на плоштадот „Македонија“ и вториот на плоштадот „Филип Втори“. Тие танцуваа на тематски одбраната песна Earth song од Мајкл Џексон и го привлекоа вниманието на голем број случајни минувачи низ центарот на Скопје.
Настанот за подигнување на свеста во врска со загадувањето продолжи и во попладневните часови, со Саем за наука под мотото „Go Green, Breath Clean“ кој се одржа во просториите на меѓународното училиште „Нова“. На саемот за наука учениците од шесто до осмо одделение ги презентираа своите истражувачки проекти поврзани со загадувањето на воздухот, но и за превентивните начини со кои може да се влијае кон ублажување на последиците од загадувањето.
Учениците од „Нова“ пред присутните на саемот ги презентираа резултатите и сознанијата до кои дојдоа изминатиов период истражувајќи ги темите како што се: влијанието на загадениот воздух во различни сезони врз здравјето на луѓето, употребата на некои растенија како индикатори на загадениот воздух, разлики во загадувањето во различни животни средини, влијанието на загадениот воздух врз климатските промени и глобалното затоплување, употреба на алтернативни извори на енергија со цел намалување на загадувањето на воздухот и сл.
- Загадувањето на воздухот е тема која нѐ допира сите што живееме во Скопје, но и во другите градови во Македонија. Свесни сме колку загадувањето е штетно по нашето здравје, но многумина сметаат дека не можат да направат ништо за да ја подобрат ситуацијата. Со денешните активности на нашите основци сакавме да им покажеме на учениците дека секоја индивидуа може барем минимано да влијае врз подобрување на состојбата со загадувањето, но истовремено сакавме да ја подигнеме и јавната свест за овој горлив проблем. Големиот интерес на случајните минувачи покажа дека сме го избрале вистинскиот начин за да го привлечеме нивното внимание и да ја исполниме нашата цел – велат од меѓународното училиште „Нова“.
Освен што ги презентираа сопствените истражувања, на агендата на саемот беше и презентација на тема „Составот на воздухот и загадување на воздухот“ што им ја образложи г-ѓа Сари Лаппи, проектен менаџер во Финскиот метеролошки институт.
Нема коментари