Убава, елегантна, романтична и по малку надреална, како поинаку може да изгледа колекцијата што го носи името на славната Елза Скјапарели. Ревијата за новата колекција за пролет 2014 што се случи утрово во рамките на Париската недела на висока мода генерираше многу исчекување од неколку причини и поради тоа привлече доста интересна публика, па во првиот ред седеа Карла Бруни, Жан Пол Готје, Инес де ла Фресанж, најрелевантните модни уреднички и амбасадорката на брендот Фарида Келфа. Сепак постојат две главни причини за ваквиот интерес, Скјапарели беше првата модна куќа во календарот на француската висока мода во 1954 година и ова е првото претставување на дизајнерот Марко Занини, новиот креативен директор на куќата.
-Моја желба е да се доживее неверојатната убавина на оваа иконска модна куќа – изјави дизајнерот, инаку поранешен креативен директор на Rochas. Тој во колекцијата за пролет 2014 си поигра со минатото, сегашноста и иднината, што може да се забележи преку ред елементи, почнувајќи од надреалистичиката естетика до футуристичките бои на косата. Низ моделите Занини покажа дека може да се креира „во сенка“ на Елза, да се изгради нова естетика, без докрај да се напуштат препознатливите знаци на доајенката на француската мода и најголемата ривалка на Коко Шанел. Неговата облека е нослива, на пример црн фустан од свилен тул, романтични лелеави тоалети, машки костим, нагласени ракави, раскошни здолништа во светло розова боја, но сите со очекуваниот надреален пресврт. Првите реакции за ревијата што ја отвори супермоделот Стела Тенант, облечена во шарен фустан, со шапка во стилот на Наполеон и со сина коса, се позитивни, а Марко доби пофалби дека успешно го пренел и осовременил творечкото наследство на ексцентричната Елза Скјапарели.
Нема коментари