Претходната сезона прилепската дизајнерка Марјана Рујаноска нè врати назад во 40-тите преку своите креации, но за овогодинешното издание на Моден викенд-Скопје најави дека ќе погледнеме една сосема поинаква колекција од минатата. Младата креаторка откри дека колекцијата го носи името PURENESS и во неа главно ќе бидат застапени здолништа, фустани и панталони кои навидум имаат класична форма.
-Но секое парче има своја приказна, а тоа најмноги ќе може да се забележи преку природните материјали и пастелните бои – ни кажа дизајнерката.
Во однос на преставувањето на колекцијата дизајнерката Марјана не планира посебна кореографија и музика, туку во соработка со тимот на FWSK ќе одлучи како ќе изгледа нејзината ревија и ќе смислат начин со кој најдобро ќе ја долови смислата на колекцијата.
-Модните трендови се неизоставен дел кој го користам за создавање на колекција, но исто така главен двигател е мојата инспирација. Со неколку зборови, колекцијата плени со чистота, свежина и елеганција која би била носена од жена која се чувствува удобно и модерно – додава Марјана.
Ова ќе биде второ претставување на Марјана на Моден викенд-Скопје, а по претставувањето на новото издание на FWSK што почнува на 1 април, таа планира моделите од колекцијата да ги изложи во бутикот во својот роден град, а исто така ќе ги постави и на нејзиниот Фејсбук профил.
Нема коментари