Брендот на познатиот македонски дизајнер Марјан Пејоски, KTZ (Kokon to Zai), вчера ја претстави новата женска линија во рамките на Модната недела во Лондон. Колекцијата е своевидно продолжување на приказната што тимот на Пејоски ја почна со машката линија, презентирана пред еден месец. За сезоната есен-зима 2014/15 нашиот креатор, што живее и работи во Лондон, направи дизајнерска конекција на два света, тој на древните народи, и оној кој допрва ќе дојде.
Креациите, кои се блиски до актуелната улична мода, се суптилна комбинација на фолкорни шари од стари народи од Африка, Јужна Америка, Блискиот Исток и футиристичката мода излезена од фантазијата на креаторот. Иако палетата на бои ги содржи основните црна, сива и бела, линијата воопшто не е здодевна, надополнета со многу шари, тонска игра и сребрени, златни и стаклени елементи. Креациите се како мозаик извезен од различни приказни .
Покрај играта со формите и материјалите, направени се и интересни додатоци и впечатливи парчиња накит, кои само ја засилуваат врската со минатото и иднината, алудирајќи на кругот на животот, и постојаното враќање кон корените и исконското. Застапени се повеќеслојни комбинации со фустани, блузони, блузи и наметни со качулки, хеланки, бунди, панталони, војнички лизми, и зимски чевли.
Марјан Пејоски го основа брендот KTZ во соработка со Сашко Бежовски од 1997 година, а дел од дизајнерскиот тим е и Јапонецот Коџи Марујама. По светскиот успех на етикетата што го носи неговото име, Пејоски сега е позветен на работата на брендот KTZ, кој доживеа пробив во 2008 година. Креации од KTZ имаат носено дел од најголемите музички ѕвезди како Ријана, Рита Ора, Мајли Сајрус, Канје Вест, Џеј-Зи, Лил Вејн, Кјара…
Нема коментари