Во креирањето на новата машка колекција на KTZ за есен-зима 2017/18, презентирана викендов на Лондонската модна недела, македонскиот дизајнер Марјан Пејоски вели дека сакал да го реоткрие, реорганизира и замени ДНК-кодот на својот моден бренд, да направи еден вид на естетско прочистување. Палетата употребена во есенската колекција на Пејоски содржи претежно црна и бела боја, но тој вметнува и сиви и маслинесто зелени тонови. Има спортски и војнички референци, стил карактеристичен за уличната мода, потоа игра со пропорции (тесни панталони со широк горен дел), препознатливите графички шари, написи и амблеми, невообичаени парчиња за машката мода како корсет и здолниште, а скоро секој модел содржи некаква форма на врзување со врвки. Пејоски во колекцијата воведува и плетени џемпери составени со парчиња наредени во воено-камуфлажен мотив. „Лесно е денес да посакаш да создадеш армија. Тоа е очигледен начин на делување. Но, јас не мислев толку многу на армија во традиционална смисла, повеќе силна група на луѓе“, вели дизајнерот.
Нема коментари