По успешната презентација со колекцијата Million Voices минатата сезона, Марија Трајанова ќе ја одржи својата втора самостојна ревија на 15-тото издание на Моден викенд-Скопје. Младата креаторка која работи под својот бренд наречен „Марсин“, го пополни модниот прашалник на stylist.mk непосредно пред промоцијата на колекцијата за пролет-лето 2017, каде открива детали за новата линија, за обуката во „Кариера Плус“ и за својата модна приказна.
*Новата колекција е именувана… Bond Lady.
* Промоцијата на новата колекција ќе биде … На 1 април (сабота) во 21.30 часот во салонот „Порше Македонија“ во рамки на Моден викенд- Скопје.
* Инспирација за колекција ми беше... Бонд-девојките, како препознатливи, мистеризни и фатални дами, а се неизбежни во секој филм за тајниот агент 007. Исто како самиот Џејмс Бонд, кој секогаш остава впечаток на надмоќ и безвременска модна икона, така и девојките од тие филмови секогаш го следат модерниот моден стил кои плени со екстравагантност и има мисија да претстави гламурозна, убава и паметна жена. Овие карактеристики најпрецизно ја потикнуваат мојата инспирација за ова колекција. Сите парчиња се со намена да ги спојат современото и безвременското во една креација.
* Застапени се … 16 креации во кои доминираат елегантни комбинизони, коктел фустани, блејзери и кратки здолништа.
*Оваа сезона се одлучив за... Смаргадно зелената, сината, црвената, црната и белата боја. Од материјалите главно се користени свилен сатен и жоржет, а за некои парчиња е користен штоф и жарсе.
*Креациите се наменет … За секоја дама и девојка која истовремено е елегантна и практична во модата, а пред сè го цени квалитетот на материјалите и добрата изработка.
*По Моден викенд-Скопје креациите можат да се набават … Во моето ателје во ТЦ „Беверли Хилс“, Скопје.
* Претходното учество за Моден викенд за мене беше… Едно големо искуство кое ми помогна да навлезам многу подобро во модниот свет.
* Мојата модна приказна почна… Модата и автентичниот стил отсекогаш ми биле предмет на интерес. Во потрага по совршеното парче кое најдобро ми прилега и одговара на моето тело, почнав сама да ја дизајнирам сопствената гардероба. Првите чекори во модниот свет ги направив пред две години кога запишав курсеви по моделирање и моден дизајн. За време на курсот мојот интерес за модата и модниот дизајн уште повеке се зголеми. По завршувањето одлучив да продолжам и официјално да се занимавам со оваа професија
*Најважни досегашни професионални ангажмани и искуства со модниот дизајн ми се… Досега сум имала две индивидуални претставувања, првото претставување ми беше колекција од дванаесет креации кои беа испрезентирани со фотосесија. Второто а воедно и главно претставување беше на Модниот викенд во Скопје есен-зима 2016/17 каде промовирав колекција од деветнаесет креации. Дополнително на тоа неодамна имав две соработки со модни блогери.
*Моето модно образование го завршив во… Центарот за креативни курсеви „Кариера плус“ каде што ги изучив техниките за моделирање, кроење и шиење во два степени и третиот степен за моден дизајн .
*Препознатлива сум по… Чистите кроеви, користењето на материјали со животински принт, креациите кои го нагласуваат струкот, а секогаш се застапени и долгите елеци.
* Моја инспирација и идол се… Инспирација ми се модели кои ја следат линијата на телото и ја истакнуваат женската фигура, за жената да се чуствува елегантно со софистициран сексапил. Немам типичен моден идол, а од познатите модни креатори се восхитувам на Коко Шанел.
* Моето ателје се наоѓа … Во трговскиот центар „Беверли Хилс“, на втори кат, во Скопје.
Нема коментари