Елегантната и свечена модна приказна, што ја почна со своите две први колекции Million Voices и Bond Lady, младата креаторка Марија Трајанова ќе го продолжи со новата линија Inside Out, што на 23 октомври (понеделник) ќе ја претстави во Hotel Marriott Skopje во рамки на Моден викенд Скопје. Дизајнерката, која стои зад брендот „Марсин“, вели дека главната инспирација за моделите доаѓа од внатрешните мисли на жената, која секогаш сака да изгледа атрактивно.
-Се потрудив таа замисла на дамите да изгледаат како модна икона да ја претворам во колекција. Така природно дојде и името Inside Out (внатре и надвор) за да се извади на виделина малку провокативната страна на жената, во своето најпривлечно издание. Основна карактеристика на колекцијата е лесната прилагодливост на креациите на секоја женска силуета во различните пригоди. Креациите се наменети за посвечени пригоди каде што секоја жена има можност да ја извади совршената слика за себе. Им се обракам на сите девојки и жени кои имаат таква скриена и совршена замисла за себе -вели Марија.
Застапени се свечени и елегантни долги тоалети и комбинeзони, коктел фустани изработени од еластична вискоза, тантела и француска чипка. Доминира црната боја, а помалку застапена е и сивата.
Трајанова , која модната едукација ја стекна во „Кариера плус“, имаше две успешни самостојни презентации на Модене викенд.
- Изминатиот период се случија и неколку соработки со блогерки, манекенки, фотографи и модни студија… На пример, веднаш после Моден викенд ќе биде објавено модно видео кое веќе е подготвено, а ќе биде со цел да долови како изгледаат и се вклопуваат модните парчиња надвор од модните писти. После ревијата ме очекуваат неколку соработки со фотосесии, а главно промовирањето ќе биде преку мојата Инстаграм страна @marsinbymaria и на Фејсбук страната на “Марсин”. Креациите ќе бидат достапни во моето ателје во ТЦ „Беверли Хилс“, Скопје – вели таа.
На прашањето каков е нејзиниот став и како би се вклучила во кампањата, за запирање на трговијата со луѓе – #Stopthetraffik, под чие мото се одржува 16-тото издание на Моден викенд, младата креаторка вели:
-Сите можеме да придонесеме за тоа. Тажно е што оваа тема сè уште е присутна во 21-ви век. Не постои нешто повредно од животот и е недозволиво да се става било каква цена за тргување со луѓето. Мојата помош е индиректна, но секојдневна и секогаш подржувам кампањи за подигање на свеста и искоренување на таквото злосторство.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари