Една од најкреативните македонски дизајнерки на накит во филигран-техника, Марија Милошевска, втора година по ред ја дизајнира статуетката на фестивалот за музички документарци ДОРФ, што деновиве се одржа во Винковци, Хрватска. Наградата, во форма на филска лента, е изработена од плексиглас, бакар, сребро и челик. Уникатната статуетка, која му се доделува на најдобриот филм, годинава отиде во рацете на словенечкиот режисер Душан Моравец.
-Инспирацијата за оваа статуетка, а воедно и симболиката на оваа награда, претставува спој на музика и филм, рокенрол во 8Д димензија, каква што е и енергијата на самиот фестивал. Веќе три години сум присутна на фестивалот и оваа награда всушност претставува моја преработка на музика и филм, во дело низ кое се гледа бескрајноста на „жицата” во сите сфери. Истото го потврдува и главниот лик во победничкиот филм Pravi čovjek za kapitalizam, на Душан Моравец од Словенија, кој заслужено ја понесе оваа награда. Фестивалот оваа година покажа одлична организација, полна програма, одлични гости и еден куп нова инспирација за следната година. Наградата е изработена од плексиглас, бакар, сребро, челик и многу љубов -ни изјави Марија, само неколку часа откако се врати од Винковци во Скопје.
Марија со секој свој нов проект докажува дека старата филигран-техника има примена не само во актуелната мода, туку и во современите платформи на креативно изразување. Откако го спои со рок-музиката и фотографијата, му даде нов живот на филигранот и на филм со „Сребрена песна“ во режија на Kирил Шентевски, посветен на нејзината работа. Со овој филм се претстави на ДОРФ, минатата година, а учествуваше и на конкурсот на шестото издание фестивалот, со својата изложба „Оророк“. На покана на директорот на ДОРФ, најверојатно ќе ја креира статуетката за најдобар филм и наредните години.
Ова не е единствен ангажман на Марија како авторка на статуетка на награди. Лани соработуваше со фестивалот „Лица без маски“ за кои изработи уникатни признанија од филигран со сребро, кои го претставуваат логото на фестивалот. На големо задоволство на тимот на Stylist.mk, таа стои и зад дизајнот на уникатната статуетка за најдобра колекција на Stylist.mk наградите, што на 31 октомври 2013 ѝ беше доделена на Росица Мршиќ, за нејзината линија презентирана на есенското издание на Модниот викенд-Скопје.
Милошевска е дипломиран етнолог. Својата пасија кон традицијата и народната култура по завршувањето на студиите ја посветила на изучувањето на филигранскиот занает. Изминативе осум години ја води својата „Оро работилница“ во рамките на која има учествувано на повеќе групни изложби. Таа постојано трага по нови форми на изразување, па во таа насока се и нејзините планови за во иднина. Марија ја паметиме по изложбата „Оророк-ладна жица стопена во жежок ритам“ во Скопје, пред две години. Со овој проект креаторката на накит ги сублимира делата од своето неколкугодишно творештво, кое се движи околу нејзината основна инспирација – југословенската рокенрол-музика („Азра“, „Хаустор“, ЕKВ и „Мизар“). Секоја од уникатните изработки беше поврзана со одредени стихови од песна и претставуваше нивно материјализирање преку автентично творештво. На изложбата беа претставени и фотографии со авторите и изведувачите на музиката и во контекст на нивните дела.
Нема коментари