Етаблираната македонска дизајнерка на современ филигран, Марија Милошевска, трета година по ред ги дизајнира статуетките за најдобрите на фестивалот за музички документарци ДОРФ, што неодамна се одржа во Хрватска. Главната награда годинава ја освои филмот Izgubljeno dugme на авторите Рената Тонковиќ, Роберт Бубала и Марија Вукадин. Посебни признанија од жирито добија филмовите: Sudar u dvorcu на Арсен Оремовиќ и Vrijeme za improvizaciju на Тина Лешничар. Посебна награда ДОРФ посвети и на одличната темелна приказна за бендот Morphine.
И оваа година статуетките означуваат спој на музика и филм. Тие се своевиден спој на старите телевизори и грамофоните. При нивната изработка Милошевска направила комбинација на медиапан, плексиглас, сребро, челик и алуминиум.
-Веќе четврта година по ред сум дел од овој фестивал и како учесник и како соработник. Овој пат инспирацијата ми беше да ја спојам асоцијацијата на старите телевизори со копчиња за менување на програмите и грамофонот во една целина. На самиот екран се гледа винил полоча чиј центар е исполнет со мој филигрански ракопис, чија жица ја преминува границата на стаклениот екран се спојува со иглата за грамофонот кој воедно претставува и подвижна антена која ни дава сигнал со окцето за да ја видиме и другата страна. Окцето, уште при дизајнирањето на првата награда, стана препознатлив симбол во мојот дизајн за наградите за овој фестивал. Големината е прилагодена да асоцира на денешните таблети и смартфони, така што овој уникат со себе ги носи и минатото и сегашноста, а најзаслужните ја пренесуваат приказната во иднината-објаснува Марија.
Вели дека наградата е признание и мотивација за понатамошно творење, предизвик да се биде уште подобар.
-Наградата која ја добивам во овој случај е задоволството, чиј крај се надоврзува во друга димензија, оди во други раце како негово признание. А воедно ја имам и слобода да се изразувам и креирам на сопствен начин и приликата да соработувам со луѓе кои ми веруваат, акција и реакција. Со самото тоа што овој фестивал нуди богата програма и досега присуствувале доста познати имиња од филмската и музичката сцена, па и од уметничката, признанието на овој фестивал за најдобар филм си има свој посебен рејтинг и белег. Оваа година наградата отиде за приказната за бубњарот Ипе од бендот „Бјело Дугме”. Филм кој ја избегна замката за приказната за големиот бенд и ја прикажа преку животот на поединецот во светот на музиката и индустријата-вели таа.
Поради преголемиот избор на добри филмови, жирито реши оваа година да се доделат и две награди со посебно признание , а една посебна награда додели самиот фестивал. Оваа година фестивалот се одржуваше во три градови- Винковци, Вуковар и Осјек, имаше гости кои директно од Естонија дојдоа да го гледаат филмот за Morphine. Марија раскажува дека организаторот, како и секоја година, ги угостил со добри концерти, филмови, гости и забава.
Со секој свој нов проект оваа македонска дизајнерка на накит докажува дека старата филигран-техника има примена не само во актуелната мода, туку и во современите платформи на креативно изразување. Откако го спои со рок-музиката и фотографијата, му даде нов живот на филигранот и на филм со „Сребрена песна“ во режија на Kирил Шентевски, посветен на нејзината работа. Со овој филм се претстави на ДОРФ, во 2013 година, а учествуваше и на конкурсот на шестото издание фестивалот, со својата изложба „Оророк“.
Ова не е единствен ангажман на Марија како авторка на статуетка на награди. Има соработувано со фестивалот „Лица без маски“ за кои изработи уникатни признанија од филигран со сребро, кои го претставуваат логото на фестивалот. Таа стои и зад дизајнот на уникатната статуетка за најдобра колекција на Stylist.mk наградите, што ѝ беше доделена на Росица Мршиќ, за нејзината линија есен-зима 2013/14 издание на Модниот викенд-Скопје.
Милошевска е дипломиран етнолог. Својата пасија кон традицијата и народната култура по завршувањето на студиите ја посветила на изучувањето на филигранскиот занает. Изминативе девет години ја води својата „Оро работилница“ во рамките на која има учествувано на повеќе групни изложби. Таа постојано трага по нови форми на изразување, па во таа насока се и нејзините планови за во иднина. Марија ја паметиме по изложбата „Оророк-ладна жица стопена во жежок ритам“ во Скопје, пред три години. Со овој проект креаторката на накит ги сублимира делата од своето неколкугодишно творештво, кое се движи околу нејзината основна инспирација – југословенската рокенрол-музика („Азра“, „Хаустор“, ЕKВ и „Мизар“). Секоја од уникатните изработки беше поврзана со одредени стихови од песна и претставуваше нивно материјализирање преку автентично творештво. На изложбата беа претставени и фотографии со авторите и изведувачите на музиката и во контекст на нивните дела.
Нема коментари