Дизајнерот Мајк Џејкобс ја затвори модната недела во Њујорк со ноќ за паметење во познатата кино сала Зигфелд. Новата колекција за пролет-лето 2016 ја претстави со бенд во живо, голем филмски екран, црвен килим и се разбира пуканки. За прикажување Џејкобс избра нестандарден формат на модна ревија. Манекенките прво поминаа на црвениот килим пред Зигфелд, на големо одушевување на обожавателите, позираа пред фотографите и потоа влегуваа во кино салата каде што беа седнати гостите, клиентите и модните известувачи. Гости на ревијата беа повеќе познати личности и пријатели на дизајнерот како Софија Копола, Кејт Мара и Винона Рајдер, а пејачката Бет Дито доби улога на модел.
Во однос на колекцијата Џејкобс ја следи инспирацијата од минатата сезона – гламурот од 40-тите години, но на многу поеклектичен начин. Овојпат немаше една главна тема, туку збир на разни ери и референци – шик парчиња со спортски изглед кои потсетуваат на 80-тите, светкави и женствени тоалети како од 40-тите, но и навраќање на гранџот од 90-тите. Сето ова е дополнето со многу бои и принтови, богат стајлинг и драматични шминка и фризура.
Нема коментари