Шпанскиот бренд „Манго“ ја објави својата прва одржлива колекција направена од рециклирани влакна од облеката собрана преку проектот „Втори шанси“.
Колекцијата за мажи и за жени содржи фармерки и тексасни јакна изработени од 20% рециклирани влакна и 80% одржлив памук. Покрај тоа, во процесот што се користи за боење на ткаенините заштедени се 85% вода.
Лансиран во 2016 година, проектот „Втори шанси“ собра над 32 тони облека преку 420 контејнери дистрибуирани во сите продавници на „Манго“ во Шпанија, Франција, Португалија, Германија, Хрватска, Холандија, Италија и Велика Британија. За ова, „Манго“ соработуваше со Kooperа, кооперативно здружение кое помага во промовирање на социјална и одржлива економија, како и создавање работни места и услуги за вработување.
-Собраните алишта се класифицирани со цел да им се даде втор живот и, во зависност од нивната состојба, може да се претворат во предиво, да се рециклираат за алтернативни намени како што се полнење на каучи или се горат за да се добие енергија – велат од „Манго“.
За да ја исполни својата клучна цел за зголемување на процентот на одржливи влакна во колекциите, „Манго“ си постави цели за употреба на 100% одржлив памук до 2025 година и 100% контролирано потекло на целулозните влакна до 2030 година, како и зголемување на употребата на рециклиран полиестер до 50% до 2025 година.
Брендот е посветен да ја продолжи оваа иницијатива и секоја година ќе промовира колекција во која се прикажани рециклирани влакна што одговара на количеството облека собрана во нејзините контејнери „Втори шанси“, со цел промовирање на добри практики и модел на циркуларна економија.
Нема коментари