Популарниот шпански моден бренд „Манго“ во понеделникот ги претстави своите нови пролетни линии за мажи, жени и за деца во Барселона. На ревијата, во рамките на 080 Barcelona Fashion Show, покрај вообичаените креации за жени, со мали и средни величини, беа промовирани и модели и за покрупни дами.
XXL моделите во изборот на материјали и кројот се удобни, со елегантна нота. Во нив девојките и жените со вишок килограми ќе се чувствуваат женствено и отмено. Моделите се црни и бели, а застапени се едноставни форми на фустани, панталони и палта, кои одговаараат за повеќе пригоди и на личности со различни лични стилови.
Во колекцијата пролет-лето со помали женски броеви беше прикажана палета со лежерни модели во претежно бела боја, во комбинација со црна и бежова. Понудени се креации од џинс: фустани, кошули, комбинезони и фармерки, исто така споени со бели модели и кожни додатоци.
Колекцијата е збогатена и со поспортски парчиња, дуксери, блузони и маици како дресови, комбинирани со елегантни панталони или здолништа. Дефилираа и вечерни модели со кафено-бронзена боја која одлично прилега со бела и е совршена за летните денови.
Покрај линиите за дами претставени беа и модели за мажи. Тие се спортско-елегантни идеални за кежуал прилики. Панталоните, иако се движат по класична линија, сепак, се за поопшутени изданија, исто е и со палтата и кошулите. И кај мажите е направан спортски и џинс-моден пакет.
Финалето на ревијата беше задолжено за најмладите. „Манго“ покажа универзалност создавајќи кежуал, модерни и носиви креации и за деца.
Ѕвезда на вечерта беше бразилскиот супермодел Алесандра Амбросио, која се појави во неколку изданија, лежерна, боемска комбинација на панталони блуза и палто и спорстко-елеганен спој на дмаица налик на дрес и молив здолниште.(А.Н.)
Нема коментари