Документарниот филм кој ги освои срцата на кино публиката ширум светот – „Мама Европа” во режија на Петра Селишкар од 18 мај (недела) со пoчеток од 20 часот ќе се најде на репертоарот на кино „Фросина“ во МКЦ . Филмот ја разгледува Европа низ очите на шестгодишното дете Терра. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот од татко со кубанско-македонско потекло и мајка Словенка, малата Терра брзо сфаќа што се тоа граници. Таа патува низ бивша Југославија со семејството и се среќава со разни маркантни личности кои ги раскажуваат своите интересни приказни. Воедно, и таа ги кажува своите невини, но интелигентни согледувања и искуства за континентот кој не е обединет, а треба да биде. Согледувањето на Европа низ очите на мало дете од Балканот може лесно да ви ги наруши предрасудите за тоа каде живееме. Цртајќи ја картата на Европа, малата Терра открива дека таа е многу покомплицирана од целата Земја и станува се посигурна дека “… нема ништо поважно од планетата Земја”.
Филмот „Мама Европа” на креативната двојка Петра Селишкар и Бранд Ферро, заедно со најзначајниот советник на Мама Европа за “земски” прашања Терра го започна своето фестивалско патешествие, преминувајќи и креативно рушејќи ги границите. Филмот досега имал премиера на Zagreb Dox, Rotterdam Film Festival, Trieste Film Festival, Beograd Free Zone Festival,Ljubljana LIFE , Portorož Festival of Slovenian film, Balkandays Munich , Neisse Film festival, London International Documentary Festival, Gothenburg Independent Film Festival. Својата македонска премиера, “Мама Европа” ја имаше на минатогодишното издание на фестивалот на креативен документарен филм МАКЕДОКС.
“Што мислиш, птиците знаат што е тоа граница?”, ја прашува мајката ќерка си. “Не”, вели ќерката.
“Па како тогаш ти знаеш?”, повторно ја прашува мајката.
“Знам затоа што јас сум човек”, вели ќерката.
Нема коментари