Ива, Сандра и Калина од блогот Skopje Casual ни препорачуваат пет парчиња без кои не може да се замисли оваа зима. На нивната листа се: карирано здолниште, моторџиски чизми, широк сив капут, долг кариран шал и електрик сино.
1.Карирано здолниште
Карираното, иако од нашите гардеробери никогаш не беше ни заминато, годинава трендовски се врати во сите можни форми и облици. Покрај старите здолништа што ги носевме во 90-тите години, на светските улици и писти видовме уште многу нови модели. Добрата страна на трендовите е тоа што ако не ви се точни старите здолништа, може да најдете нови во речиси сите продавници.
Фото: malibueditorial.com
2. Моторџиски чизми
Можеби е тренд од минатата година, но продолжува и оваа, а ние го обожуваме! Поблага форма на старите „докмартинки“, моторџиските ниски чизми со малку подигната пета се одличен избор од есен до пролет! Со тесни фармерки или здолништа, со кратки кожни јакни или долги капути, комотни за да трчате во нив преку целиот ден, вашите нозе ќе бидат стоплени и благодарни за овој избор.
фото: stylelovely.com/bartabacmode
3. Широк сив капут
Топли, удобни и совршени за комбинирање од утро до вечер. Сивите капути потполно завладеаја оваа есен со париски шмек. Во комбинација со дебели хеланки и широка маичка или пак куси здолништа и високи чизми, како и да ги искомбинирате добивате супер модерна комбинација.
Фото: thepetticoat.net
4. Долг кариран шал
Веќе знаете дека сме опседнати со карирано, нели? Долгите топли карирани шалови (во Skopje Casual попознати како blankies) ни се oмилените модни додатоци за оваа сезона. Комбинирани со кратка кожна јакна или со „тренч“ мантил, врзани во неколку слоеви или само во една панделка, даваат посебен изглед на есенската комбинација.
Фото: garancedore.fr
5. Електрик сино
Како што доаѓаат сивите студени денови, сѐ повеќе се интересни боите кои оставаат влечаток и отскокнуваат. Нашиот избор за оваа сезона е електрично сино. Џемпери, фустани, хулахопки или шал – што и да изберете како детаљ, ќе биде забележително. Одговара и со мирни тонови, црно, бело или крем, или јарко црвено или портокалово за развеселување на денот и стилот.
Фото: skopjecasual.mk
Нема коментари