Според младиот моден блогер Марио Додовски, кој го води блогот Fashion Everyday, а пишува и за сајтот StyleFiles.mk, пет must have парчиња за оваа зима се:
1. Карирана кошула со црвени мотиви
На врвот на листата со тренди парчиња кои што мора да ги имате во овогодишниот зимски гардеробa е карираната кошула со црвени мотиви, инспирирана од париските модни писти на „Сен Лоран“ и „Живанши“. Трендот е подеднакво атрактивен за припадниците на двата пола, а за оригинален гранџ стајлинг изберете кошула којашто е за неколку броја поголема од вашиот, врзете ја околу половината и комбинирајте ја со комплементарна црна кожена јакна.
2. Челзи-чизми
Инвестирањето во квалитетни зимски чевли може значително да го намали вашиот годишен буџет, па затоа секогаш купувајте модерни, но истовремено класични стилови коишто не излегуваат лесно од мода. Годинава на сцената се вратија Челзи-чизмите со нивниот лежерен, а сепак елегантен и удобен изглед кои може да ги најдете во сите тренди продавници за чевли. Купувајќи нивна верзија од црна кожа, верувам дека не погрешив со мојот избор оваа сезона.
3. Спортски блузони
Благодарение на LPD New York, годинава модните фанатици истовремено станаа фанови на спортот. Но тие не навиваат за некој спортски клуб, туку го носат името на својот омилен дизајнер заедно со неговата бројка на грбот, почнувајќи од Прада па сè до Меквин и Галијано. Доколку не сте во можност за оригинален дизајн, побарајте слични блузони во „Зара“ или пак направете сами свое парче како маичката со тим Џејкобс која ја „профурав“ на Модниот викенд-Скопје сезонава.
4. Асиметрична кратка маичка
Оваа зима може да избирате помеѓу два главни трендови кога станува збор за вечерните парчиња – или ќе се вклопите во масата од девојки кои ќе носат секси свилени фустанчиња со рабови од тантела а ла „Луј Витон“, или пак ќе бидете храбри и ќе купите асиметрична кратка маичка инспирирана од „Баленсиjага“ и „Келвин Клајн“ која ќе се погрижи да бидете во центарот на вниманието. Меѓутоа пред да се одлучите за второто, внимавајте тоа да не изгледа вулгарно и да одговара на формата на вашето тело.
5. Долги ракавици
Долгите ракавици се моден додаток којшто постојано се реинкарнира на модната сцена, а сезонава е вратен во неговата оригинална кожена верзија со помош на ликот на Оливија Поуп во серијата „Скандал“ којашто моментално има огромно влијание врз тековните трендови. За зимската сезона, на пистите се појавија ракавици од Дона Каран, Оскар де ла Рента и „Шанел“, а нивни одлични верзии со поприфатливи цени веќе може да се најдат во ланците за масовно производство.
Нема коментари