Александра Спасеска, која е авторка на еден од најактуелните и најбогати со содржини модни блогови, aleksandrinavezilka.wordpress.com, со својот избор се приклучува на серијалот на Stylist.mk во кој македонските блогери предлагаат топ-5 модели за оваа зима. Според оваа млада модна ентузијастка најжешки парчиња во овие студени денови се: кратките кожени ракавици, миди здолништата со многу волумен, кратките бунди, блузоните со апликација и дамските рачни часовници.
1. Кратки кожени ракавици
Најважно од сè, одлично топлат, и се најдобриот дамски моден додаток според мене. Кратките ракавици ги сакам повеќе бидејќи се попрактични и дозволуваат повеќе простор за детали на нив (интересно закопчување, ременчиња, машни на зглобот). Препорачувам за оваа сезона да се изберат ракавици во пожива боја: црвени, виолетови, темно зелени, но ако сте приврзанички на класичниот стил, нема промашување со црни, бели или кафеави. Најдобрите модели и по релативно ниски цени за производ од чиста кожа, според мене ги имаат „Мак Примат“.
Фото: La Crasia Gloves
2. Миди здолништа со многу волумен
Овој класичен модел потсетува на 50-тите години, а јас сум вљубена во ова дамско доба. Оваа сезона се вратија на голема врата и беа хит кај модната публика на есенскиот Моден викенд во Њујорк. Најмногу ги сакам моделите од твид со екстра волумен. Тања Кокев понуди неколку одлични модели во нејзината колекција есен-зима 2013-14 Kokev Premium.
3. Кратки бунди
Без разлика дали бирате природно, вештачко или имитација на крзно, тоа е индивидуално, кратките бунди се подеднакво гламурозни како долгите, само многу попрактични и помладешки. Се комбинираат речиси со сè, од цевка или машки модел на фармерки, молив- здолништа до коктел фустани. Крзнените додатоци како лисици (јас лично повеќе ги сакам имитациите на крзно) го имаат истиот ефект на глам шик. Ирина Тошева во последната колекција Memento Mori има одлична кратка бунда од лажни пердуви што изгледа како крзнена, а Бобан Илиевски (Chic Undercoewear) покажа како лисиците може да се вметнат во современиот изглед.
Фото: Memento Mori by Irina Tosheva
4. Блузони со апликација
Овој моден предлог е надвор од мојата comfort zone и винтиџ стилот, но блузоните со откачени апликации ми се просто неодоливи. И машките и женските модели препорачувам да се носат во неочекувано екстравагантни комбинации со кожени панталони или мини и pencil здолништа, задолжително со високи потпетици. Chic Undercowear во колекцијата есен/зима покажа одличен модел на бел блузон со апликација на Алексис од „ Династија“, и цитатот Bite me Krystel.
Фото: Chic Undercowear
5. Дамски рачен часовник
Да не ги заборавам модните додатоци. Мојата љубов кон винтиџ стилот вели: рачен часовник. Рачните часовници можеби денес стануваат непотребни за мерење на времето, но се безвременски моден додаток кога станува збор за мерење на стилот. Дискретен модел на дамски рачен часовник со тенко кожено ремче или елегантна белегзија одлично ќе се вклопи во секојдневниот моден стајлинг на секоја жена.
Фото: Fossil Watch ES3077 Georgia Rose Gold Dial
Нема коментари