Македонското внимание го привлече пред неколку години кога настапи на дизајнерско шоу спонзорирано Diet Pepsi и во партнерство со славниот Сајмон Донан, за време на Њујоршката модна недела во 2012 година, а потоа и кога учествуваше на натпреварот на модни дизајнери на Адријана Пател за E! и го освои второто место. А американското внимание го држи будно неколку години. Родена во Ресен, Геновева една деценија живее и работи во Колумбус, главниот град на американската држава Охајо. Таму во 2009 година дипломира моден дизајн на Колеџот за уметност и дизајн (Columbus College of Art and Designs)и со години е значаен делува на тамошната сцена. Да се биде успешен во Колумбус не е мала работа, бидејќи градот е прогласен за трет моден центар во САД по важност, Њујорк и Лос Анџелес. Креира елегантна, префинета и современа облека, во последните колекции акцент е ставен и на деталите од ласерска сечена кожа, кои се мотив во нејзината неодамна лансирана линија модни додатоци. Во октомври ја претстави новата колекција на модната недела во Колумбус, каде што се претставува од 2011 година. -Пред неколку недели ја презентирав колекцијата за пролет-лето 2016 на Fashion Week Columbus, Finale show. Силуетите на дизајните се инспирирани од 50-тите години, додека ласерските исечоци на креациите и модните додатоци од арт-деко стилот. Колекцијата е направена од луксузни материјали (светликави, металик материјали, 3Д брокат), искомбинирани со кожа и ласерски исечоци. Некои од нив се декорирани со црни нитни и црни Сваровски кристали. Од боите доминираат јаки тонови на скапоцени камења, зелената, црвената, тегетот и црната.
>>Што е карактеристично за модната недела во Колумбус и за модата во тој дел од САД? -Колумбус е седиште на големи компании како што се Victori’s Secret, Abercrombie & Fitch, Lasenza и Express меѓу другите. Исто така има и голем број на независни дизајнери. Columbus College of Art and Designs и други факултети секоја година подготвуваат нови таленти. Исто така во Колумбус има неколку големи модни настани: Fashion Week Columbus, Fashion Meets Music Festival, Highball Halloween, FMMF, Alternative Fashion Week и други. Затоа Колумбус неодамна беше прогласен за трет по ред моден центар во САД, по Њујорк и Лос Анџелес. Откако градот е прогласен за Fashion Capital, луѓето инволвирани во модната индустрија даваат посебен напор модната сцена во Колумбус да стане уште подобра. Многу сме далеку од Њујорк и Лос Анџелес, но сепак се гордееме што сме прогласени за моден центар.
>>Што е карактеристично за твојата работа, како би го дефинирала стилот на кој креираш? -Мојата работа почува да е препознатлива по луксузните материјали, laser cut деталите, кожата која е комбинирана со различни понежни материјали. Моите дизајни се елегантни, женствени, софистицирани, но во исто време забавни, шик и секси. Креирам уникатни модерни дизајни за модерна девојка која е социјално активна и цени квалитет.
>>Каде се продаваат твоите колекции? -Облеката се продава по специјална нарачка, а модните додатоци ги продавам на мојата веб-страница, потоа online на околу 50 други страници со САД и пошироко, и во неколку продавници. Доколку некој од Македонија е заинтересиран, модните додатоци ги продавам на неколку европски сајтови: ShopRoad http://shoproad.it (италијански) и Milajki http://www.milajki.com (шведски). Има и некои други европски сајтови каде може да се најдат некои од моите додатоци.
>>Дали некои од твоите креации ги носат познати личности и кои се ѕвездите што би сакала да ги облечеш? -Претходната година Masika Kalysha од реалното шоу Hip Hop Hollywood носеше еден од моите дизајни во емисија на E! телевизија. Исто така KeyshiaCole носеше мој додаток на концерт.
>>Минатата година почна да креираш колекција на модни додатоци, за што поточно станува збор? -Модните додатоци се направени од кожа, со елаборирани ласерски исечоци и некои од нив декорирани со Сваровски кристали и нитни. Многу се лесни за носење, затоа што кожата споредено со металот е многу полесна. Исто така, голем дел од времето работам на компјутер, па кога носам метална белегзија таа чука од масата и тоа им смета на сите околу мене. Мислам дека повеќето жени го имаат истиот проблем. Тоа е една од причините што работам само со кожа. Во последната колекција креирав и обетки, многу се лесни, не ги ни чувствуваш, додека големите метални обетки обично се многу тешки.
>>Како всушност почна твојата модна приказна и како течеше пробивот на тамошната сцена? -Модата и уметноста почнаа да ме привлекуваат од многу рана возраст. Бев фасцинирана, но и од тоа како убавата облека нè прави да се чувствуваме. Посебна возбудливост и среќе се будеше во мене кога ќе видев посебен дизајн, и ако можеше да го имам тој дизајн, тоа ме правеше посебно среќна. Модата е форма на уметност која знае да нè однесе на возвишено место. Првиот момент кога добив идеја дека сакам да бидам моден дизајн, е кога ги направив моите први панталони и блузичка од стари фустани од мојата мајка. Јас ги скроив, мајка ми ги соши на нејзината машина. Кога завршив средно училиште, во Македонија немаше многу можности за модни дизајнери, затоа не се длучив да запишам моден дизајн. Зборував со моите родители за опцијата да студирам во Италија, но немавме можности за тоа. Кога се преселив во САД добив можност да почнам од почеток и се одлучив да се запишам на факултет за моден дизајн. >>Иако студираше моден дизајн во Колумбус и работиш и живееш во САД, колку си запознаена со македонската модна сцена, дали успеваш да ги следиш македонските креатори? -Следам некои од дизајнерите и тоа што се случува на Моден викенд-Скопје.
>>Кои дизајнери ти се омилени? -Имам многу омилени дизајнери и брендови, но ќе споменам неколку – Рикардо Тиши, креативниот директор на „Балесијага“, неговите дизајни се елегантни, силуетите архитектонски и малку мрачни, тоа ме привлекува кај него. Потоа Албер Елбаз, кој беше креативен директор/дизајнер во „Ланвин“, неодамна го напушти брендот и едвај чекам да видам кој ќе биде неговиот следен чекор. Тој Многу добро ја познава жената и креаира дизајни кои се носени од жени од различна годишна возраст. Неговите дизајни се убави, едноставни и женствени. Александар Меквин ми беше еден од најомилените дизајнери, визионер и неповторлив. >>Кои моменти и проекти ги сметаш за најуспешни во досегашната кариера и кои се плановите за иднина? -Успех за мене е постигнувањето на поставените цели и чекорење на патот на остварување на сонот. Посебни моменти, меѓу другите, би биле презентирањето на дизајни во центарот Линколн во Њујорк, како дел од модното шоу Diet Pepsi Style Studio Show, организирано од Diet Pepsi и беше посетено од познати личности како Мери Кејт Олсен, Дебра Месинг и Анџела Симонс. Премногу е тешко и ретко зановите дизајнери да имаат таква можност. Тоа беше преубаво искуство. Потоа второто место на натреварот на Адријана Пател за E! Design Contest, од вкушно 670 дизајни. Успех е можноста два пати да ги видам моите дизајни на национална телевизија. Плановите се мојот бренд да расте посепено и да биде носен од луѓето на глобално ниво.
Фотографија: Dalong Yang, Шминка и фризура: Ludie Senatus, Модел: Rachel Ninke, Стилист: Mitch McGuire
Нема коментари