Некому познат како колега од граѓанскиот сектор, некому како верен соработник и реализатор на замислите во декоративната козметика, некому како шминкерот кој ме направи најубава за онаа прослава. Како и да ви е познат Виктор Мирчевски повеќе од 10 години е препознатлив по својот индивидуализиран пристап во шминкањето. Тој во своето портфолио вбројува соработки за промоција на препознатливи брендови во декоративната козметика како што се: Yves Saint Laurent, Lancôme, Max Factor, Oriflame и други. Најчесто работи шминка за модни едиторијали, а вели дека посебно уживање му се и театарските проекти. Соработува со повеќе македонски модни дизајнери, а работи и на развој на брендот на Ирина Тошева. Актуелни се неговите видеа за шминка во соработка со Еликсир Ексклузив парфимериите каде пренесува едноставни совети и трикови.
Инаку, Виктор е магистрант по политички науки и работи во граѓанскиот сектор. Тој е Програмски соработник на Конект – организација што се занимава со општествена одговорност на претпријатија и филантропија. Вели дека не би можел без едната или без другата професија.
Во нашиот разговор за Stylist.mk сподели полезни препораки и совети.
Кои се главни тененции во шминката за пролет-лето 2016?
Повторно пробајте дали ви стои сина сенка. Трендовската палета на бои се движи од кралска сина до азурна. Друга тенденција е да одберете пастелно корални нијанси. Трепките се раздвоени, а вештачки додатоци е популарно да се користат на долниот капак. Природниот и сјаен тен се појавува во најдобрите модни магазини. На подолг рок, мислам дека 90тите ќе нѝ се вратат во тренд. Држете ме за збор. Ако сакате да ги следите трендовите секогаш адаптирајте ги на она што вам лично ви прилега.
Кои се твоите најважни совети за девојките што сега почнуваат да се шминкаат? Што е почетничката лекција?
Запознајте се со вашето лице. Одговорете си на неколку едноставни прашања: Каква е неговата форма? Кои се недостатоците? Што најмногу ви се допаѓа? Откако ќе си одговорите на овие прашања истражете кои се техниките и триковите за вашите потреби. Потоа, ќе ги купите и соодветните производи за намената. Не се раководете исклучиво од трендовите. Стилот на шминка е сопствен визуелен идентитет.
Актуелни се матурантките и невестите. Кои се твоите совети за избор на стил на шминка?
Ова се пригоди што се важни. Препуштете се на професионалец кому му верувате. Природна е желбата во овие прилики да блеснете, но тоа не значи дека треба да изгледате како некоја друга. Напротив, задржете го својот идентитет.
Матурантките треба да си дозволат да бидат поинакви и да експериментираат. Се радувам кога ќе речат „сакам нешто интересно и необично“. Ова е период на наоѓање на својот стил и шминката треба да биде откривање на нешто ново. Идолите често влијаат, но сè е поинаку кога ќе се праша: Кој дел од лицето најмногу си го сакаш?
Невестинската шминка е технички карактеристична бидејќи треба да биде трајна, да задоволи фотографски стандарди и истовремено да делува меко во живо. Естетски, природниот изглед и умерената јачина се соодветен избор. Ако носите бела венчаница, изборот на шминка и нејзините бои треба, пред сè, да соодветствува на тенот, косата и очите.
Кои се твои омилени шминкери од кои си учел и ја следиш нивната работа?
Kevyn Aucoin го сметам за основач на модната шминка. Тој е оној што ги креираше изгледите на топ моделите во 90-тите. За жал не е помеѓу живитеи добро е што зад себе како наследство остави неколку книги коишто ми се од омилените. Ја ценам и следам работата на Billy Brasfield кој го сметам за симбол на остварувањето на „американскиот сон“ бидејќи сосема наивно и спонтано навлегува во светот на шминката и станува еден од најпознатите уметници во ова поле на нашето време. Ми се допаѓаат и шминкерите кои го пренесуваат своето знаење на социјалните медиуми како Lisa Eldrige.
Понекогаш сакам да се потсетам на умешноста на старите мајстори што од занает направија уметност. Биографијата на Max Factor е одличен приказ за тоа како практичната работа ги изведува правилата и како тие можат да го диктираат идентитетот и перцепцијата за убавината.
Како учебници и извор на знаење ги препорачувам и користам книгите на Kevyn Aucoin, Scott Barnes, Rae Morris, Bobbi Brown и Robert Jones.
Издвој за нас 5 основни производи за шминка што секоја жена треба да ги поседува
1) Крема за лице / производи за нега
Шминката и козметиката за нега се разликуваат. Но, нивниот спој е неизбежен. Негувањето на кожата е неопходност. Кога шминкам секогаш започнувам со користење производи за нега и со масажа. Посветете соодветно внимание на вашата кожа, а таа ќе ви возврати со убавина.
2) Пудра/ коректор
Дури и беспрекорниот тен изгледа уште поубаво кога ќе се изедначи, ќе добие сјај и совршена текстура со само неколку капки пудра. Пудрата и производите за тен се најголемото оружје на шминката и веќе сите сме свесни дека умеат да избришат години и умор од лицето.
3) Руменило
Руменилото дава живост на ликот. Нијансата е пожелно да е компатибилна со карминот. Пробајте да ставите малку од руменилото и на очните капаци. Вака ќе постигнете ефект на свежина.
4) Маскара
Добрата маскара може да постигне ефект на целосна шминка. Не заборавајте од време на време да ја исчистете четката од насобраниот вишок производ.
5) Кармин/сјај
Без разлика дали усните ви се адут или не, насмевката е повпечатлива со малку кармин или сјај
Омилените производи со коишто работиш
Кога го средувам куферот, одозгора ги ставам производите за коишто знам дека ќе ги искористам иако имам избор од различни варијанти. Ќе ви откријам три.
„MAC Full Coverage Foundation“
Оваа пудра ја сакам затоа што во зависност од техниката може да биде лесна или да покрие буквално сè. Развиена е за професионална употреба и секогаш ја користам кога работам шминка за фотографија.
„Yves Saint Laurent Souffle D’Eclat“
Ова е мојот магичен прав. Го нанесувам на крај низ целото лице и ефектот е како да сте така родени. Завршниот ефект што се постигнува е сосем природен (ниту мат, ниту сјаен), а шминката ја прави потрајна.
„Lancôme Liner Plume“
Бев скептичен за тушевите за очи во облик на фломастери додека не го пробав овој практичен производ. Апликаторот е мек и доволно долг за да можам да имам слободен потег. Ми се допаѓа прецизноста и трајноста.
Нема коментари