Насмеана, комуникативна и ведра, Маја Ристевска, која според Stylist.mk беше најдобра манекенка на на осмото издание на Модниот викенд-Скопје (FWSК), ни се придружи на утринско кафе во „Концепт37“. На неформалната средба, неколку дена по церемонијата во „МКЦ клуб & ресторан“, ѝ ја врачивме наградата, накит дизaјниран од креаторката Ивана Кнез. Преубавата девојка од агенцијата „Мак Моделс“, видно почестена од признанието, скромно и срдечно ни се заблагодари.
Наградата за најдобра манекенка ја заслужи со професионалното одработување на речиси сите ревии одржани на есенското издание на FWSK . Таа одлично се снајде во улога на: дама а ла Џоан Колинс- во ревијата на Бобан Илиевски, панкерка- во презентацијата на Ирина Тошева, Марлен Дитрих на промоцијата на Марјана Рујаноска, елегантна секси-девојка во шоуто на Антонија Ристовска, Индијка – кај Мила Кадриу , филмска ѕвезда на црвениот килим на Александра Митковска, ретро шик-жена од 50-тите години на перформансот на Росица Мршиќ и други.
Покрај нејзината убавина и добра психо- физичка подготвеност, таа покажа и одлична моќ на трансформација и способност да им даде суштина на моделите што ги презентира на пистата.
Нема коментари