Сонот да отвори свое ателје во родното Тетово креаторката Маја Кироска, која се има школувано моден дизајн во Љубљана, ќе го оствари денеска во 19 часот. „Ателјето Кироска“ ќе ги отвори вратите за сите љубители на модерниот дизајн и за клиентите, што Маја ги стекна изминативе години.
-Последиве две години работата ме задржа во родното Тетово, каде што стекнав голем број на верни клиенти и со таа цел ателјето го отворам токму таму. Но, во тек се преговори со соработници од Србија и од Словенија, па се надевам дека наскоро неколку венчаници и фустани со мој потпис ќе бидат достапни и таму. Просторот го уредив и наменив за средби со моите клиенти, реализација на проби за тековните порачки на венчаници и фустани, но истотака ателјето ќе биде и од продажен карактер,за почеток ќе бидат изложени три изработени модели на венчаници (колку што дозволува просторот), преку нив застапени се три различни стилови т.е три различни типови на невести. Од изложените модели новите клиенти ќе бидат во можност да го видат начинот на изработка, да се уверат во квалитетот на истиот, а што се однесува до дизајнот, секогаш се трудам да ги задоволам желбите на клиентките, задржувајќи го професионалниот однос и убав дизајн- вели Кироска.
Засега во ателјето се продаваат само креации од Маја, но во иднина сака да ја прошири понудата со креации од други дизајнерски имиња.
-По природа сум личност што е отворена за соработка верувам дека понатаму во моето ателје понудата ќе биде збогатена со по некој производ на домашни и странски дизајнери, првенствено дизајнери на накит ( модни додатоци)-вели таа.
Маја студирала на Технолошкиот факултет во Љубљана, кој што е високо рангиран во светот и нуди одлично знаење од областа на текстилот. Студиите биле комбинација од технологија, природни науки и уметност. Сега е дипломиран инженер по дизајн на текстил и облека. Уште за време на школувањето во Љубљана се интересирала за проекти надвор од рамките на факултетските обврски, па така, во втора година учествувала на манифестацијата „Модест“, која се одржуваше во рамките на „Саемот за мода“ во Скопје. Поставила свој сопствен штанд со три креации на мали црни фустанчиња.
-Уште на отворањето на мое големо и пријатно изненадување го продадов првото парче и тоа на тогашниот амбасадор на Австрија во Република Македонија. Тоа беше една голема потврда и мотивација за мене како млад дизајнер и добар епилог на моето прво јавно претставување во Македонија.
Нејзина втора јавна промоција во Македонија беше лани, на новогодишната поп-ап продавница во „ДомИталиjа“ во организација на „Лудус“. Во Љубљана покрај самостојната работа често соработувала и со словенечите дизајнери и придонесувала за тамошната модна сцена. Има работено како стилист во најпрестижната мулти-бренд продавници во Словенија, „Галерија емпориум“.
-Работев со врвните брендови за женска облека како сто се „Александар Меквин“, „Кензо“, „Роберто Кавали“, „Етро“, „Армани“, „Версаче“ и со клиенти од повисоките слоеви. Тоа ми помогна да го истенчам својот вкус за квалитетот на изработката и уникатноста на кројот на дизајнерското парче облека-ни изјави таа.
На 18 години заминала да студира во Љубљана-град за кој знаела само дека е главен град на Словенија. Но, брзо се снашла и не наишла на некои поголеми потешкотии.
-Дружењето, соработката со неколку млади словенечки дизајнери и трудољубивоста ми помогнаа да се пробијам. Сега сум во постојан контакт со некои од нив и договарам следни проекти меѓу кои е промоцијата на мојот бренд таму, меѓутоа засега приоритет ми е промоцијата тука, бидејќи сметам дека за еден млад творец е најважно е признанието од сопствениот народ-вели таа.
Модната приказна на Маја почнала уште во детството, со остатоците од материјалите од кои шиела нејзината баба, која инаку била самоука шивачка. Приказната продолжила во атељето на нејзината мајка, која е дипломиран инженер по конфекциска технологија во Белград и која безрезвно ми го пренесува сето искуство со кое се има здобиено во текот на нејзината долгогодишна работа. Маја беше дел од тимот одговорен за костимографијата на една од најпопуларните хумористични ТВ-шоуа на најгледаната приватна телевизија во Љубљана. Исто така ги дизајнира костимите за главните улоги за балетската претстава „Моќта на куклите “ на балетското студио „Менада“ од Тетово.
Нема коментари