„Модна фузија“ – едно поинакво луксузно модно случување
Модната компанија „Магнетик“ по повод својот 30-годишен јубилеј приредува уникатно модно случување. Станува збор за нов моден концепт на луксузен настан кој ќе се одржи во малку поавангарден амбиент. Со музичко-сценскиот перформанс на една од нашите најпознати музички изведувачи Тамара Тодевска, бидете подготвени за модното шоу „Fashion fusion“ (Модна фузија), доживување кое ќе биде искуство за паметење. На модната ревија на овој настан ќе бидат прeтставени колекциите за пролет-лето 2022 од италијанските брендови Twinset, Liu Jo и Pinko, кои ќе ги разбудат сите модни сетила кај публиката. За ревијата се ангажирани нашите познати уметници, режисерот Дејан Пројковски и балерината Олга Панго, која е задолжена за кореографијата.
Ова ексклузивно модно случување со многу музика и забава, ветува дека ќе направи еден чекор напред кон нови урбани модни сензации со уметнички допир кои што ќе бидат вредни за вниманието на современите македонски жени и девојки.
Новите колекции на брендовите Twinset, Liu Jo и Pinko се инспирирани од жена која зрачи со самодоверба и има префинет стил, елеганција, нежност и романтичност, гламур, но, сепак со доза на смелост и ексцентричност во својот моден израз.
Посетителите на уникатниот настан „Fashion fusion“ кој е во организација на компанијата „Магнетик“ во соработка со „Боттега Евенти“ ќе имаат можност да посетат и специјално подготвени модни поп-ап продавници, модна мултимедијална изложба и ќе присуствуваат на гала коктел забава. На интерактивните поп-ап продавници ќе бидат изложени луксузните модни парчиња на горенаведените популарни модни брендови Twinset, Liu Jo и Pinko, директно пристигнати од улиците на Милано и Рим. Во текот на вечерта модно-музичкиот перформанс ќе биде надополнет и со диџеј сетовите на Зоки Бејбе и Еми Ермилова. После долго време „Fashion fusion“ ќе го врати градскиот шмек и свежината на модните културни збиднувања.
Настанот на „Магнетик“ претставува сублимат на сè што компанијата го градела низ годините со цел да ги задоволи вкусовите на урбаните ликови и современите дами, дури и на оние со најрафиниран моден стил и изразено чувство за естетика.
Нема коментари