Талентирана и успешна, препозналива по бројните улоги дома и на интернационалната сцена, актерката Јелена Јованова Периќ во новата епизода од модниот серијал „Магнетикдо македонските актерки“ позира во модели на Marella во фотосесијата на Јована Зука.
Веќе трета сезона си дел од телевизиската серија „Преспав”. На што сметаш дека се должи успехот на серијата? На што те научи ова искуство?
-Пронаоѓање на точен хумор, имплементирање во точни ситуации, негово дозирање, развивање, разбирање и транспортирање. Уиграна екипа која ужива во она што го работи. Публика која прифаќа да се насмее на сопствената мака во која сме сите заедно што влева надеж дека може и ќе не биде. Не верував за себе дека можам да пливам во жанрот комедија и ненормално многу ме радува фактот дека таму пронајдов дел од себе си. „Јелена од Драчево“ стана своевидна институција и мило ми е што е еден од омилените ликови. Да насмееш некого од срце е најтешко, но колку исполнува таквото чувство во овие денови на сивило – тешко да опишам.
Те препознаваме по многу телвизиски и филмски улоги. Една од последните соработки е онаа со Милчо Манчевски на неговиот последен филм и со тим од наши актери? Како е да се работи со Милчо Манчевски? Каква беше енергијата на сет? Кажи ни нешто повеќе за улогата?
-Мојата појава во „Врба” е кратка и многу слатка. Барем за мене. Среќна сум што сум дел од таа приказна. Лесно, филигрански, полно со вистина и живот, смирено и со уживање. Така би го опишала сетот на Манчевски. Повеќе од ова не ни можам ниту сакам да споделам. Ќе ви го оддолжам задоволството за да уживате повеќе во филмот кога ќе излезе.
Што сè уште стои на твојата to-do-list?
-Не сум автор на таквата. Го оставам животот, околностите и времето сами да ја пишуваат. На мене е да сум жива, здрава, спремна за сè што ќе наиде.
Која ти е најдрага улога од оние од почетоците? Дали сметаш дека те менуваат улогите кои ги играш?
-Не можам да ги селектирам по мерна единица на милост, драгост, љубов. Подеднакво ја сакам секоја. Можеби можам да ја издвојам онаа од која започна сè. Тоа е улогата на Бисера во „Демонот од Дебар Маало” од Горан Стефановски во режија на Слободан Унковски. Се радувам на секој процес, посебно кога треба да влезам во чевли тотално не налик на моите. Го сакам, барам и уживам во моментот на оној личен ментален стреч кој секоја улога го носи, во гледањето на светот со други очи. Во разбирањето и соочувањето со проблемот поинаку од она што јас го знам како свое. Во бранењето на вистината, во давењето глас на безгласните, во јакнење на емпатијата. Понекогаш ќе се запрашам дали имам право на сето тоа, а публиката е таа која барем до сега го оправдувала тој мој позив. Им благодарам на секоја укажана подршка.
Живееш во Загреб, работиш и патуваш постојано. Што значи ова за твоите пријателства?
-Сè има свој данок, па така и номадскиот живот. Лажните пријателства благодарение на дистанцата сами се исчистија, а вистинските останаа вистински, барем во мојот случај. Не секогаш поради обврските го добивам посакуваното време со нив кога сум во Македонија, но го давам својот максимум во личната организација да успевам во тоа. Во Загреб исто така имам свој круг на пријатели и немам чувство дека сум сама. Она што ништо не може да го замени се моите родители и фамилијата на брат ми кои неизмерно ми недостигаат. Но, колку и некогаш да е тешко сакам да верувам дека секој од нас со причина е таму каде што е. Така ми е полесно.
Како се разликува модата во Загреб од модата во Скопје? Дали се смени и твојот стил на облекување кога се пресели во Загреб? Што најмногу сметаш дека влијае на твојот стил на облекување?
-Не гледам значајна дискрапанца помеѓу модата во Загреб и онаа во Скопје. Она што јас уште повеќе го прегрнав овде е опуштеноста и слободата во изборот на истата. Денот, приликата, расположението се оние што најмногу диктираат како ќе излезам од дома.
Како би го опишала твојот стил на облекување? Кое парче сметаш дека секоја девојка/жена мора да го поседува?
-Веројатно тоа подобро и поточно би го издефиниран некој друг. Она што јас можам да го ставам во опис е спонтан, опуштен и во склад со приликите или пак неприликите. Знам некогаш да се „намонтирам” (што би рекле Загрепчани) кога не се чувствувам најдобро. Тогаш аутфитот станува и мала ментална терапија. Ормарот ми е поприлично досаден со црни, бели и сиви парчиња на облека. Бојата ја сакам, но најчесто кај некој друг. Љубител сум на остри, строги и чисти кроеви. Без парфем се осеќам некомлетирано. Со глава на раменици и свесна за она што е, секоја жена знае што најдобро и прилега и` лесно доаѓа до она што треба да го поседува како облека.
Што ти дава самодоверба? Што те плаши приватно и професионално?
-Самодоверба, храброст, сила. Пакет кој го добивам кога трезвено ќе се соочам и го прифатам сè она низ што поминувам (добро и лошо) и поодлучно продолжувам напред. Самотија е веројатно најздружена со мојот страв. Се трудам да го трансформирам. Некогаш успешно, некогаш не.
Кажи ни нешто повеќе за твојот следен проект?
-Два долгометражни филма и две серии се она на што миговно работам во процес на пред продукција. За што точно станува збор сè уште немам зелено светло за споделување. Кога тоа ќе се случи со задоволоство би седнале на нов возбудлив муабет.
Модел: Јелена Јованова Периќ/ Облека: Марела/ Фотографија и стајлинг: Јована Зука/ Фризура: Даниел Артевски (Beauty Hub 202)/ Шминка: Васе Доковски (Beauty Hub 202) Локација: Музеј за електрична енергија на ЕВН – Изложбен Центар Матка
Нема коментари