Новата модна миленичка се појави во уште едно модно списание, овојпат во американското издание на Glamour, каде што ги споделува своите стилски тајни и совети за нега. Актерката Лупита Нионго, номинирана за Оскар за улогата во „12 години ропство“, одушевува со секое ново појавување на црвениот килим, како поради беспрекорниот избор на модни парчиња, така и со смелиот избор на шминка. Често ја гледаме нашминкана во живописни бои, нo Лупита открива дека не зависи од шминката за да изгледа убаво.
„Ако девојките сакаат да носат шминка за да ја зајакнат довербата, зошто да не? Но, јас сум работела толку многу напорно на себе за да се чувствувам убаво во мојата кожа, што лично јас никогаш не сакам да зависам од шминката за да се чувствувам убаво“ – изјави Лупита во мартовскиот брoј на Glamour.
Убава и паметна, нели? Лупита покрај актерскиот талент и дипломата од „Јејл“, има совршен тен и атлетска фигура, кои заедно со личниот моден стил и сугестиите од стилистката Микаела Ерлангер, ја направија ѕвезда на црвениот килим. А таму, на црвениот килим, во неколку наврати се фасциниравме на нејзината шминка – бестрашен избор на сини и пурпурни сенки за очи, како и флуоресцентно виолетови и портокалови бои на кармин.
„Сакам боја, уживам да носам различните нијанси. Не сум се шминкала многу во мојот живот, затоа е добро кога се соработува со некој како шминкерот Ник Варос, кој вели дека се инспирира од мојот тен“ – вели актерката.
Таа открива дека за да ја задржи кожата хидрирана и без дамки, применува природна нега, употребува природни масла, како на пример маслото од авокадо и она од хавајскиот кукуи. Што се однесува до нејзината кратка коса, се одлучила за ваква фризура бидејќи и се смачило секоја недела да оди на фризер. Нејзините потреби, а со тоа и совети за убавина, навистина се едноставни, инспиративни и стилски.
Нема коментари