„Да не беше модата, немаше да постојам ни јас. Модата му дава смисла на мојот живот. За неа почнав да се интересирам уште кога бев многу мала. Им шиев фустани на куклите. Подоцна, во тинејџерските години, кога куклите повеќе не ми беа интересни, целото свое внимание го посветував на мојот изглед. Почнав да кројам облека за себе или да ги редизајнирам парчињата што веќе ги имав. Целта ми беше да изгледам што поинтересно. Потоа ми тргна со дизајнот и сфатив дека без модата не можам да живеам“. Со овие зборови ја почнува својата приказна Лумтурије Камили, една од најинтересно облечените девојки кај нас.
За пошироката јавност е позната под името Лумија Камилија. Родена е во Дортмунд пред 21 година. Детството го поминала во Германија, а пред неколку години семејно се преселиле во Кичево. Денеска е студентка по германски јазик, со голема пасија кон модата. Со својот специфичен винтиџ-имиџ го привлекува вниманието каде и да се појави. На есенското издание на Модниот викенд- Скопје беше една од најфотографираните личности.
Се појавува како модел во фотосесијата за новата линија на креаторката Ирина Тошева, Memento Mori 2.0. Буди голем интерес и на социјалните мрежи, а своите стајлинзи ги пласира на LookBook.nu (lookbook.nu/lumijakamilija). Таму е активна околу една година. Вели дека „оваа платформа ѝ се видела како лесен и интересен начин да го презентира својот стил“.
-Ќе се обидам да го проширам мојот блог, бидејќи мислам дека тоа е најдобар начин за да се претставам себеси и да ги изразам моите мислење во врска со мода. Секојдневно ги следам македонските модни блогови, и ми се допаѓа она што го гледам. Мислам дека од сите блогери може да се научи нешто, бидејќи секој си има свој уникатен стил и различно размислување за модата, па заслужуват да се погледне неговата идеја за стајлинг-вели таа.
>>Блогерите во моментов имаат значајна улога во градење на светската модна сцена. Колку нивната положба е оправдана?
- Нормално дека е заслужено вниманието што го добиваат, бидејки тие инфонираат за сè што е актулено во модата, обелоденуваат што се случува со нивниот моден живот и ја носат модата поблиску до нивните следбеници. За мене топ – блогери се тие што секогаш се во тек и што секојдневно постират свежи содржини.
>>Kако би го дефинирала својот стил на облекување?
- Ретро, богат со фантазија, луд…
>>Кое ти е најраното сеќавање од детството поврзано со модата?
-Тогаш кога почнав својата монотона облека да ја менувам, трансформирам во нешто друго, што ќе биде интересно. Тогаш сфатив дека облеката не е само едно парче ткаенина, туку дека од нејзе може да се создава многу нешта со кои ќе се идентификувам и ќе бидам препознатлива.
>>Дали рециклираш креации. Има ли модел од кој не можеш да се откажиш и го носиш со години?
-Рециклирањето е најинтересната работа за мене, кога на некој стар модел му вдахнувам нов живот. Златната јакна на мајка ми е модното парче кое го сакам најмногу и од него не можам да се одвојам. Го носам секогаш кога за тоа има прилика. Во мојот ормар имам и други стари креации што ги носеле моите баби, тетки, родители и на крај стигнале до мене. Секогас сум во потрага на винтиџ – облека и мојот шопинг најчесто се состои од потрага по стара облека од која правам нова приказна.
>> Од кои модни магазини, ТВ-емисии и модни блогови најчесто се информираш?
-За модата често се црпам информации од различни медиуми. Отворена сум за новости, и обврнувам внимание на сè што ќе ми фати око, сакајќи да научам нешто ново.
>>Кој ти е омилен домашен, а кој светски дизајнер (бренд) на облека?
-Немам некој конкретен омилен бренд или креатор. Оваа не го кажувам во негативна конотација. Едноставно, може да ме одушеват креации што се од многу малку познат дизајнер, а кои личат како да се создадени од светски познат моден бренд. Оваа е можеби така зашто облеките не ги проценувам според тоа од кој бренд се. Моето внимание се фокусира во деталите, како на пр: нивното значење, инспирацијата, од какви материали се создадени, итн….
>> Од кое модно парче имаш најголема колекција дома? Која е твојата модна пасија?
-Како и сите девојки/жени, нормално и јас ги обожувам чевлите, кои кај мене се во голем број. Поседувам разни видови на модели. Покрај чевлите имам голема опсесија и кон женските палта, кои исто така ги имам во голема количина, креирани во еден сосема уникатен стил…Тие се моето најголемо богатство, бидејќи секоја од нив има посебо значење за мене и секоја од нив е моја лична креација.
>>Имаш ли моден идол или најголема модна икона?
- Генерално ги почитувам тие што имаат храброст да го носат тоа што тие сакаат, без да се вознемируваат за тоа што ќе коментираат другите. Од познатите светски личности, како модна икона, би ја издвоила Лејди Гага, која секогаш во јавност се појавува со откачен и ексцентричен имиџ- стил кој неа ја издвојува од било која друга светска ѕвезда. Ја посочив Лејди Гага бидејќи таа е личност што ми дава волја да останам оваа што сум сега.
>>Дали имаш ангажмани како стилист?
-Професионално сè уште не сум почнала да работам како стилист, зашто мислам дека немам соодветно искуство. Но, во приватниот живот секогаш ги советувам своите другарки во врска со модата. Како да комбинират одредени парчиња, да изберат што им прилега , што е ИН во последно време…
Нема коментари