Деновиве бизнис списанието Forbes ја објави листата на најуспешни светски брендови, на која на основа на финансиските резултати најдобар моден бренд е француската луксузна модна куќа „Луј Витон“. Се проценува дека брендот вреди 28.1 милијарди долари. На списокот од 100 брендови „Луј Витон“ не само што е најдобар од светот на модата, туку компанијата која ја менаџира францускиот конгломерат LVMH го освои и високото 14-то место во однос на останатите брендови. Прв на севкупната листа е Apple, потоа следат Microsoft, Google, Coca Cola и IBM, а од модните брендови ги среќаваме H&M (33-то место), „Гучи“ (42), Hermes (51), „Картие“(55), „Зара“ (58), Coach (63), Rolex (65), „Прада“ (74), „Шанел“ (85), Ралф Лорен (89) и „Таргет“ (92).
Високото котирање на листата на Forbes го потврдува успешниот чекор на ангажирање на Никола Гескиер за креативен директор на „Луј Витон“ кој во неколку колекции успешно прикажа нова модерна и младешка визија на брендот стар преку 160 години. На успехот може да се додадат и отворањето на музејот на современа уметност во Париз, патувачката мултимедијална изложба Louis Vuitton Series II која во моментов е во Рим и неодамнешната ревија за ресорт-колекцијата во Палм Спрингс, Калифорнија.
„За „Луј Витон“ 2014 година се карактеризира со силен креативен импулс, во кој доминира ентузијастички прием на Никола Гескиер, неговата прва ревија за брендот и новите производи“, се вели во соопштението на групацијата LVMH.
Нема коментари