Hекогашната концептуална продавницa „Лудус“, позната по поддршката на младите македонски модни дизајнери, на 9 и 10 мај, во гaлеријата во Младинскиот културен центар, ја организира досега најголемата привремена продавница. Со работно време од 12 до 22 часот, галерискиот простор ќе биде пренаменет за продажба на 20 дизајнерски колекции на облека, накит, додатоци и подароци. Хетерогената понуда од 400 дизајнерски производи од квалитативно и концепциски различни македонски дизајнери има за цел да направи вистински пресек на македонската модна сцена и директно да го поврзе македонскиот моден производ со конзументите.
Покрај последната модна колекција на организаторите Лудус, ќе бидат застапени и колекциите на други етаблирани модни имиња како Лидија Георгиева, Chic Undercowear , Елена Спасовска, Билјана Каран, Аcidwear, Mикка, Aтами и Гаја, дизајнерите на накит Нина Симовска – Just Because, Капка, Билјана Клекачоска, Еклектика, Илина Поповска (Ilina design) . Покрај нив, за првпат ќе учествувaат и Јелкица Поповска, „Линија“, Мелани Димитровска, интернет продавницата Bastet Noir, дизaјнерите на додатоци Елена Поповска, Билјана Каровска, Симон Ангел и Елена Ристовска. Посетителите ќе можат да си обезбедат парче по достапни цени во текот на дводневниот настан што ќе биде збогатен со пропратна програма со различни содржини како промоции на модни портали, модни работилници и презентации.
Stylist.mk во рамки на Super Design Pop-Up Store ќе организира т.н. консалтинг агол, во кој ќе нуди бесплатни модни совети. Уредничките на Stylist.mk ќе им помогнат на посетителите на дводневна поп-ап продавница да направат соодветни комбинации од понудените парчиња на облека и накит од дизајнерите-учесници на настанот. Неколку стајлинзи ќе бидат изложени и во галеријата на МКЦ. Покрај тоа, тимот на сајтот со фотоапарат ќе ги „улови“ личностите со најуникатни стајлинзи.
Нема коментари