Одржлива мода од природни материјали, рачно боење и традиционални македонски занаети во основата на колекцијата „Пост-родовост“ VII”
Колекцијата за пролет-лето 2023 е насловена како „Пост-родовост VII” и е најновото поглавје во серијата колекции што ја разработуваат идејата за родово рамноправно општество и визијата на дизајнерот за иднина во која родовите норми и улоги се целосно редефинирани.
Испирирана е од митологијата на старите Словени и преданијата кои се вкоренети во нашата колективна свест.
Колекцијата се состои од вкупно 35 производи, целосно рачно изработени од исклучиво природни материјали што е карактеристика на брендот од 2015 година. За време на пандемијата го искористи времето минато во карантин за продлабочување на еколошкото и одржливо производство и воведе нови практики во работата што бараат посветеност и подолг процес за развој. Па така, оваа колекција содржи рачно обоени парчиња на природен начин од памук, свила и лен, со состојки како рузмарин, авокадо, калинка и метални соли во долготраен процес што има корени во македонската занаетчиска традиција на боење на тесктил. Токму на тој начин создадени се најодржливите производи на „Лудус” досега што се поблиски до текстилната уметност одошто од комерцијалната мода.
Колекцијата „Пост-родовост VII” ги спојува традиционалното македонско занаетчиство, локално набавените материјали, рачните вештини од мајстори – соработници на брендот и извонредно вештиот технички тим што е постојан дел од современите дизајнерски колекции на „Лудус”.
Колекциите на „Лудус” се застапени во концептуални продавници во Европа и курирани веб продавници за независни дизајнери во САД, Велика Британија, Холандија, Германија и Словенија.
Каталогот беше изработен во студиото на „Лудус” во Скопје, со фотографот Филип Бојковски, моделите Марија Павловиќ, Димитриа Марковски, Филип Петровски и Сара Перчинкова. Стајлингот го сработи Мартина Ивановска, а шминката Сара Цветановска.
Нема коментари