Моделите Ана Калачоска, Леуарт Лека и Кемил Исметовиќ ги носат црно-белите креации од безродовата колекција XYYX во новата фотосесија на македонскиот бренд за современа мода „Лудус“. Lookbook-от со креациите на дизајнерот Драган Христов го сними фотографката Ана Марија Радосављевиќ, а за шминката и фризурите се погрижи модната блогерка Мартина Неделковска. Минималистичкиte црно-бели креации наменети за двата беа преtставени со ревија минатата недела во фоајето на МОБ во рамките на изложбата и промоцијата на книгата Heroes for One Day. Креациите ги носеа андрогени модели, кои се пријавија преку онлајн кастинг. На почетокот на минатиот месец XYYX беше промовирана и во рамки на „Скопје креатива“ на „Плаја виста“.
Станува збор за елеци, мантили, блузи, кои се родово неутрални, односно безродови. Тие се прилагодуваат на обата пола и на различни тела. Направени се од висококвалитетни природни материјали, како памук и ладна волна. Парчињата се монохроматски (црно-бели) со акценти од сина боја кај додатоците. Креациите се направени со одредена идеја за личностите кои би ги носеле би се препознале во нив. На моделите има влијанија од повеќе уметности и се со урбан и футуристички тон. Неконвенционалноста како нивна заедничка карактеристика ќе им овозможи да ги адаптираат за разни пригоди, вечерни како и дневни. Акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични, а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб.
Нема коментари