Македонската модна етикета „Лудус“ деновиве сними каталог за безродовата колекција Emotional Landscapes. Каталогот е изработен од фотографката Ана Марија Радосављевиќ, модел е Кемил Исметовиќ, а сликан е во студиото „Приватен Принт“.
Линијата Emotional Landscapes ја разработува темата започната со претходната колекција и е базирана врз фраза од песна на Бјорк од албумот Homogenic. Парчињата говорат за чувства на алармираност во јазик својствен за работата на „Лудус“, зад која стои креаторот Драган Христов. Како и минатата и оваа колекција е безродова, односно родово неутрална и е произведена од високо квалитетни природни материјали како волна, памук и лен. Палетата од вообичаените бела и црна боја е надополнета со графитно зелена и акценти од бакарна боја кај додатоците.
Елементот на изненадување што се пројавува во работата на „Лудус“ (лат. – игра, шега итн.) е постигнат со примена на некои техники од високата мода на симплифициран и забавен начин. Па така видливи се превиви и деформирања на поинакви места од вобичаените за, на пример, вечерната женска мода.
Колекцијата беше за прв пат прикажана по покана на организаторите на фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“, со модна ревија на која моделите беа избрани по пат на интернет кастинг на социјалните мрежи. Потоа беше дел од „Дизајн Супермаркет“ во Прага на почетокот на декември и Поп-ап настанот во студиото „Приватен Принт“ во Скопје на крај на месецот. Моделоте од колекцијата ќе се продаваат на веб сајтот на етикетата https://ludus.com.mk и фејсбук продавницата https://www.facebook.com/LUDUScollection/shop/, како и во новоотворената продавица Ап(о)тека во МКЦ, Скопје.
Нема коментари