Моднот дизајнер Мите Занов ја претставува својата нова колекција LIMELIGHT SS22, преку фотосесија и со придружен текст кој ги објаснува инспирацијата, пораката и приказната за креациите.
Преку звукот на диско музиката, ноќниот живот и култната дискотека ‘Studio 54’, неминовна е инспирацијата од 70-тите години од минатиот век, во ерата на промени, економски пресврти и движења за права на маргинализираните групи, која метафорично го отсликува и огледалото на денешното општество.
Диско револуцијата, преку комплексниот симбол на диско топките, повикува на заедништво, бегство од реалноста, утопија, индивидуализам. Лимета зелената боја, е најзастапена во палетата на бои во оваа колекција, блиску поврзана со природата, симболизирајќи виталност, свежина, живот и имагинација. Тргнувајќи од оваа гледна точка, оваа колекција е порака и покана секој да ја експресира својата вистинска боја, својата природа и да ја живее својата слобода, ставајќи се себеси во „центарот на вниманието“.
‘LIMELIGHT‘ SS22 е наменета за сезона пролет-лето 2022 година, и дава една нова визија и свежина на брендот ZANOV, притоа задржувајќи ги препознатливите елементи, кроеви и естетика. Содржи 20 изгледи, а секој од нив претставува епифанија за тоа што значи да се биде човек и нашата потреба постојано да бараме нешто поголемо, нешто повеќе. Да бидеме слободни, да го изразуваме тоа што лежи во нас, а кога луѓето се слободни и го прават она што треба да го прават, вибрираат на едно друго ниво.
Освен лимета зелена, палетата на бои во колекцијата содржи и други нијанси на зелена, а застапени се и жолтата, црната, сребрената, златната како и нијанси на сина боја.
Материјалите употребени во колекцијата, имаат широк дијапазон, вклучувајќи сатен, жоржет, жерсе, штоф, тафт, растегливи тулови и мрежи, а исто така може да се забележи и употребата на тул со пулејки, како и реупотребата на повеќе видови на тексас.
Рачната изработка во колекцијата е од неминовен аспект, а кроевите се строги и геометриски, формите минималистични, но скулптурални, со нагласена силуета на „песочен часовник“.
Колекцијата располага со голем асортиман на модели, вклучувајќи долги и кратки фустани, здолништа, сакоа, панталони, комбинезони, топ – ракавици и секако препознатливите ZANOV корсети.
Фотографија: Антонио Станков/ Модели: Софија Симоноска, Викторија Ристовска, Магдалена Горгиевска (Моделс ин) / Фризура: Елена Николовска -Social Hair Salon/ Шминка: Makeup Studio Delovska / Чевли: Viktor Chevignon/ Асистент: Кристијан Арсовски/ Посебна благодарност до: Night Club Clique, Димитар Бабков
Нема коментари