На домашната модна и дизајнерска сцена скромно се развива „професијата моден стилист“, задачите на стилист неретко ги преземаат личности од различни профили и малку од нив се профилираа како вистински модни стилисти. Но, за прв пат се појавува наставна програма за моден стилист, која веројатно ќе го кристализира вистинското значење на тоа што значи стилист. Програмата ја склопи битолската модна дизајнерка Лили Кадинска. Ја познаваме како дизајнерка со нејзиниот бренд Le Brand, но таа како магистер по моден дизајн, зад себе има и искуство на професор по моден дизајн и конструкција на облека (текстилна струка на битолското средно „Таки Даскало“), а веќе подолго време држи курсеви за моделирање, кроење и шиење во рамките на нејзиното студио. Следен чекор во модната наобразба што ја нуди е токму програмата за обучување моден стилист, која што неодамна беше верифицирана од страна на Министерството за образование и Центарот за образование на возрасни. Со Лили зборувавме повеќе за самата обука и за тоа што значи да се биде моден стилист.
Дали си ти автор на програмата и што таа содржи?
Автор на програмата сум јас. Таа содржи шест модули според кои ќе се обучуваат кандидатите, а претставуваат есенцијален дел од професионалниот профил на модниот стилист.
Модул 1: Основи и теорија на моден дизајн
Модул 2: Историја и култура на стилови
Модул 3: Трендови, предвидувања и стилски елементи
Модул 4: Улога и примена на моден стајлинг
Модул 5: Модни додатоци, шминка и фризура
Модул 6: Завршна работа
Оваа програма настана како дел од планот за надградување и проширување после успешноста на курсот за моделирање, кроење и шиење во Le Brand Studio. Целта беше да им се овозможи на курсистите можност за избор, на кое поле од модниот дизајн ќе го насочат својот интерес и професионалната наобразба.
Што подразбираш под поимот моден стилист?
Модниот стилист е консултант кој е одговорен за креирањето на целосниот изглед од облека до шминка, фризура и модни додатоци за различни профили на клиенти. Го дефинира имиџот или визуелниот карактер преку анализи и компетенции кои ги имаме опфатено во нашата образовна програма.
Можностите кои ги нуди оваа професија се бројни. Може да работи за една личност, за модни куќи и брендови. Осмислува стилски концепти за разни кампањи и настани.
Ангажманот на модниот стилист вклучува работење со јавни личности како актери, музичари, политичари, или индивидуални консултации со луѓе кои не се дел од јавниот живот, а изгледот е важен дел од нивниот општествен статус.
Исто така потреба од моден стилист има во големите фирми при креирањето на корпоративниот имиџ, уредување на излози на стоковни куќи и бутици, подготовка на стајлинзи за модни едиторијали и реклами.
Кај нас нема сличен предмет? Дали за прв пат во нашето формалното и неформалното образование ќе се учи обука за моден стилист?
Точно така, кај нас нема програма за едукација на заинтересирани за овој професионален профил од областа на модата, ниту во формалното, ниту во неформалното образование.
Каде ќе се имплементира оваа наставна програма, кога ќе почнете со првата група и колку ќе трае целата обука?
Во просториите на Le Brand Studio во Битола. Наскоро ќе објавиме конкурс за упис на заинтересирани за оваа обука. Целосната обука ќе трае три и пол месеци. Програмата детално ќе биде објавена на страната на Le Brand Studio.
Кој ќе предава, дали веќе е избран кадарот?
Обуката ќе се одвива под мое менторство, со помош на мојот тим кој е редовно анганжиран во Le Brand Studio како дел од нашиот креативен и производствен процес.
Кој може да се пријави на оваа програма и што ќе значи добиената диплома, каде ќе можат да се искористи, во кои професии? Кај нас обично креаторите, па и фризерите, шминкерите обавуваат задача на стилист и се претставуваат и како стилисти…
Модниот стилист е точно дефинирана професија и во светот постојат голем број на образовни институции кои што нудат план и програма за студирање и изучување на оваа професија. Важно е да се знае дека модниот стилист не е ништо од погоре наведените професии, туку ги користи услугите на модниот дизајнер, дизајнерот на накит, брендот за чевли, фризерот, шминкерот за да ја реализира замислената слика која ја концептуализирал претходно.
Програмата е верифицирана од страна на Министерството за образование и Центарот за образование на возрасни. Добиената диплома има официјална вредност дома и надвор од нашите граници, а може да се пријават сите кои имаат завршено средно образование.
Ти останува ли време за креирање? Како всушност функционира твојот Le Brand? Нов дел од твоето студио е и Fashion Lab концептот…
Le Brand е секогаш во фокусот и приоритет во целата приказна, меѓутоа концептот на работењето на тематски колекции два пати годишно како во минатото, кoга пред сè беше одлична можност за промовирање се промени.
Изминативе неколку години работиме на капсулни колекции и се адаптираме на потребите на нашите клиенти како локално, така и интернационално преку нашата Etsy продавница.
Fashion Lab е дел во кој нашите услуги во B2B форма им ги нудиме на други дизајнери, модни брендови или претприемачи. Под услуги подразбирам дизајн, шаблони, градирање на шаблони, изработка на колекции, прототип модели, примероци, логистика, до производство на мали серии.
Нашиот најголем клиент во Fashion Lab е модниот бренд Qamrah од Саудиска Арабија. Тие се еден од ретките модни брендови таму кои произведуваат ready to wear.
Во Fashion Lab нема невозможни работи и она што го сакаме јас и мојот тим e постојаниот предизвик и тестирање на границите.
Живееш и твориш во Битола, каква е тамошната модна и дизајнерска сцена?
Битола е град во кој освен што сум го поминала поголемиот дел од животот со исклучок на студирањето и постдипломските студии, тука ја изградив и својата најголема база на клиенти.
Le Brand долго време беше дел од сите дизајнерски платформи кои се појавија во Македонија. Што значи етаблираноста и онлајн можностите го прават брендот достапен надвор од Битола и Македонија.
Нема коментари