Еминентната дизајнерка Лидија Георгиева за првпат претставува колекција на венчаници и свечени коктел фустани сработени во соработка со модниот салон „Зили“, а која премиерно ќе биде претставена на второто издание на The Bridal Fashion Night, настан што ќе се одржи в четврток во „Александар Палас“ во организација на Моден викенд Скопје. Во пресрет на претсатвување на колекцијата наречена Cotton Candy (Шеќерна волна), ја прашавме дизајнерката што може однапред да открие во однос на креациите и нејзините предлози за венчална облека.
-Во амбиент на традиционална и луксузна изработка, колекцијата e составена од рачно изработени венчални и коктел фустани. Кроевите се исклучително женствени, инспирирани од романтичната историја на Европа и носат референци од неколку периоди. Материјалите се рафинирани, нежни и со мек допир, се работи за тантела, тул, свилен муслин, а боите се движат помеѓу слатките ноти на шеќерна волна, ванила, карамел и нежно розе, со кристални и бисерни акценти.
Претпоставуваме дека венчаници досега си креирала, но ова е првпат да претставиш цела колекција со венчални фустани. Кој беше мотивот за овој чекор?
-Колекцијата е производ на соработка со модниот салон „Зили“. Ова не е наша прва соработка, бидејќи во моите колекции одвреме навреме вклучував модели изработени во салонот, кои потоа според резултатите од Париската модна недела се изработуваа во мали серии. Сопственичката на салонот Весна Георгиевска ме контактираше после мојата октомвриска ревија и ми ја предложи оваа соработка. Веднаш прифатив, со мислата дека е тоа уште една нова територија за истражување и освојување, зошто да не?
Колку е предизвик да се креаираат венчаници, сегмент од модата што е наменски, и како да се остане во рамките на сопствениот креативен израз и истовремено да се следи желбата на идните невести кои имаат одредена замисла како сакаат да изгледа нивната венчаница?
-Во рамките на The Bridal Fashion Night ќе биде презентирана колекција изработена однапред со готови дизајни, на ист принцип како што ги конципирам и моите колекции. Разликата е во тоа што полето за акција е малку ограничено, но тоа не ми пречи. Универзумот на венчални фустани е посебна категорија на дизајн и се обидов да излезам од класичните рамки на вообичаени производи кои се нудат на пазарот. Содржи елементи препознатливи за мојот стил, секако ќе ги пронајдете моите омилени 20-ти години зачинети со дискретна рокенрол нота. Идејата е да се презентира понуда која не е вообичаена, од едноставна причина што стилот на венчални фустани е секогаш во ист калап, а девојките се толку различни.
Спомена и видео специјално подготвено за настанот, па како ќе изгледа самото претставување и како ќе биде вметнато во ревијата?
-Неодамна разбрав дека скопската модна публика веќе се навикнала моите ревии да се проследени со перформанс и дека тоа е настан за кој се чека што ќе следува. Ми беше драго кога го слушнав тоа и како и секогаш, ќе се обидам да дадам платформа за израз на млад артист. Досега се работеше за балерини, но овојпат содржината нека остане изненадување. Автор на видеото е Марина Трајковска, а за изборот на музиката овојпат ми помогна парискиот диџеј и организатор на познатите забави Ајс Нид Шугар, Бруно Пеги. (К.Т.)
Нема коментари