Под работен наслов „Допир“, познатата модна креаторка Лидија Георгиева ја најавува новата колекција, што на 6 април во салонот „Ауди-Порше Македониjа” ќе биде презентирана со ревија на Модниот викенд-Скопје. Дизајнерката, која обично не открива многу детали за своите нови колекции пред нивното официјално претставување, вели дека станува збор за линија што има допир со нејзините испирации од првите колекции на почетокот на својата кариера.
-Со креациите се враќам кон моите инспирации кога почнував да работам. Во принтовите ќе преовладува еден мотив, типичен за мојот универзум, но ќе биде деклиниран и во уште една многу интересна материја, која ме интересираше одамна, а сега го имам луксузот да ја работам… Колекција можеби се води интуитивно од светските модни актуелности, но мислам дека мојата публика веќе добро знае дека моите дизајни од 2001 или од 2014 добро стареат и немаат врска со моменталните трендови-вели дизајнерката која долги години живееше и работеше во Париз.
Минатата година беше професионално многу плодна за Георгиева. Покрај модна ревија за колекцијата „Пејсаж бр. 26“, таа одржа и изложба на Скопската недела на дизајнот со уникатна колекција на керамика и внатрешно уредување, учествуваше на меѓународни недели на дизајнот во Загреб, Софија и во Белград, а спроведе нова образовна програма на ТМФ. Како шлаг на успешната 2013. беше договорот со компанија од Сан Франциско за дизајнирање футроли за новите верзии на iPhone, Kindle, iPad и Samsung.
-Реакциите за футролите се одлични, клиентите се многу задоволни од квалитетната изработка, а секако и од дизајнот…За 2014 планирам нови и интересни соработки за кои разговорите се започнати-вели таа.
Неодамнешното интервју со Лидија Георгиева, објавено на Stylist.mk, можете да го прочитате тука.
Повеќе за програмата на пролетното, деветто издание на Модниот викенд-Скопје, кликнете тука.
Нема коментари