Модата и технологијата се среќааваат на различни нивоа, едно од нив е дизајнирање на футроли за нашите омилени телефони и таблети, па не ретко технолошките компании ангажираат и модни дизајнери. Една таква соработка е актуелна и деновиве. Имено, на интернет страницата на американската компанија Kekа почнаа да се продаваат футроли за новите верзии на iPhone, Kindle, iPad и Samsung дизајнирани од нашата позната модна дизајнерка Лидија Георгиева. Сега во светот ќе ѕвонат телефони и ќе се работи на таблети обвиткани во дизајн на креаторката.
-Непосредно по одржувањето на Неделата на дизајн во Скопје (SDW) во октомври минатата година, објавив неколку дизајни од најновата колекција и кратко потоа добив имејл од Сан Франциско со понуда за лиценцен договор. Се работи за 10 идејни решенија за принт на футроли за најновите модели на iPhone, iPad, Kindle и Galaxy Samsung. Освен на сајтот на Kekа, производи ќе се пласираат и на „Амазон“ на САД и на Велика Британија, а во тек е проширување на пласманот – ни изјави Лидија Георгиева и ни откри дека соработката со американската компанија се одвиваше во максимално професионални услови, без никакви креативни ограничувања, а изборот на дизајнот на отпечатоците бил оставен потполно на нејзината визија.
-Логично беше да предложам дизајни од мојот универзум. Имав неколку започнати идеи, кои ги развив и прилагодив за телефони. Се работи за три теми, од кои две се декоративни (Techno Flowers или Magnolia Versailles), а третата е медитативна, космичка, хипнотичка. Има дизајни кои се викаат Super Nova или пак Prune Star. Ми се допаѓаше идејата тие слики да се најдат на телефон. Таа играчка денес го содржи целиот наш живот и во неа има повеќе технологија отколку во првите вселенски мисии. Навистина возбудлива авантура, работев со големо уживање – вели Лидија.
Покрај Георгиева компанијата Кека ангажира дизајнери од целиот свет да креираат отпечатоци за футроли, што е клучот за нивниот успех. Важно е да се спомене дека се работи за ексклузивни, рачно изработени продукти од винил (кој се употребува за тркачкит автомобили) и со еколошки бои. Футролите се изработуваат во Калифорнија (а не во Кина), а дизајнерката е во преговори производите да се продаваат и кај нас.
Нема коментари