Македонските дизајнерки Лидиа Јовановска и Ксенија Котев влегоа во финалето на светскиот моден натпревар MUUSE x Vogue Talents Young Vision Accessories Award 2014. Тие се изборија за место меѓу 50-те креатори на модни додатоци од цел свет благодарение на гласовите на посетителите на страницата vogue.muuse.com. На гласањето, што траеше до денеска, Јовановска, која живее и работи во Лондон, доби 525 гласови, а Котев 786 гласа. Избор е во организација на двата светски гиганта во областа на модата. MUUSE е светски позната платформа за следење, развој, продукција и дистрибуција на дизајните на младите таленти, а Vogue е највлијателниот моден печатен и онлајн-медиум. Натпреварот се одржува онлајн. На крајот од изборот ќе има два победника. Првиот од публиката другиот од професионално жири. Првите 50 ќе бидат оценети од професионално жири. Победникот добива објава на четири страници во Vogue, а MUUSE ќе го продава победничкиот производ.
Лидиа е во конкуренција со три уникатни и практични модели на чанти со минималистички дизајн за да ѝ прилега на софистицираната жена. Насловната чанта е WALLY- една од помалите што служат како паричник и модел за разни пригоди, која се прикачува за поголемите чанти. Втората е MOTHER, најпрактичната, лесна и најергономичнa во колекцијата. Целиот бренд е базиран околу оваа чанта. Третиот дизајн е TRENDY. Оваа чанта е дизајнирана за жените кои мораат да изгледаат модерно, но сепак сакаат да бидат практични.
Таа е основачка на концептуалниот бренд L&E, стациониран во Лондон, кој е специјализиран за изработка на чанти и модни додатоци. Во екслузивното интервју за Stylist.mk таа неодaмна изјави:
- Брендот го основав во септември, минатата година, кога се вратив од Хонг Конг, каде што работев како креативен директор. Со моето постојано патување дојдов до заклучок дека женските чанти навистина не се практични и имав чувство дека нон-стоп нешто барам во чантата. Кога се вратив во Лондон веднаш почнав да работам да им помогнам на жените (девојките) како мене, да ги поедноставам чантите и да бидам бренд кој може да им одговори на сите нивни потреби. Сите прозводи во овој бренд се обмислени да се надополнуваат и да одговорат на дадена потреба, зашто сите имаме различни потреби така и L&E има разни производи и секој може да одбере и земе само тоа што им треба. Исто така тука се јави и соработката со Македонија. Како Македонка сметав дека имаме добри занетчии и природно сакав своето производство да го насочам кон мојата земја и нашите талентирани занаетчии.
Скопјанката Ксенија, пак, конкурира со очила за сонце украсени со нагласени додатоци, чанта во форма на уста и модел за на рака со поп-ап шари. Колекцијата со која учествува на натпреварот прв пат беше презентирана во Амбасадата на САД во Скопје, минатиот април, во рамки на проектот Pop Fashion! на Модниот викенд-Скопје.
-Боите, како и формите, содејствуваат со темата и се инспирирани од 60-тите години на минатиот век. За изработка на чантите користев кожа и платно, а кај очилата – пластика-изјаво таа во интервјуто пред неколку недели за Stylist.mk
Котев има дипломирано моден дизајн на „Академија Италијана“ во Фиренца, а мастер-студиите, за дизајн на модни додатоци, ги заврши во Милано на Domus Academy.
-Задоволство ми е да учествувам на овој натпревар, бидејќи сум во избор помеѓу млади и талентирани дизајнери. Победникот добива колекција која ќе биде промовирана и продадена со потпис од самиот дизајнер од страна на MUUSE, како и профил на Vogue Talent ни изјави Котев.
По изборот на 50-те финалисти со гласовите од интернет, модната уредничката од Vogue, задолжена за овој избор, Сара Мејно, ќе прогласи еден победник , а ќе бидат слектирани 10 финалисти, од кои публиката подоцна ќе избере уште еден победник. Последниот круг на гласање, со десетте финалисти, ќе се одржи на Vogue.it од 26 февруари до 5 март 2014. Конечниот победник, како и победникот од избор на публиката, ќе бидат соопштени на почетокот на март оваа година.
Нема коментари