Минималиситички, црн, геометриски, кожен и безвременски. Со овие пет зборови една од најоригиналните и најурбани македонски модни блогерки, Јована Зука, го опишува својот личен стил. Авторка е на блогот aftertwofive.blogspot.com, кој е со висока естетика и истенчен стилски и моден вкус. Вели дека ова модно катче настанало спонтано и природно. Желбата и идејата за почнување на блог постоеле долго време, но конечното го стартувала во октомври 2012 година.
-Сакав да создадам простор кој ќе биде во целост оригинален и личен, без едиторијали, без улична мода, без било каква модна фотографија чиј автор е некој друг. Сакав да се чувствувам сигурно дека содржината која ќе ја презентирам ќе ме отсликува целосно и дека ќе биде доволно квалитетна за да ја споделам. Сакав да биде мој мал печат во една многу сатурирана индустрија, но истовремено индустрија која премногу ја сакам. Името After Two Five (или After 2/5) е игра на зборови и броеви поврзани со период од мојот живот кој за мене е од особена важност.
>> Со какви содржини го полнеше блогот на почетокот, а како се разви неговиот идентитет во наредните години? Има ли свои редовни следбеници/читатели и каков е фитбекот?
-Од самиот почеток до сега, преку блогот ја развивам својата првична замисла да создадам свој онлајн простор во кој ќе бидам кустос на мини фотоизложби. Секој пост го третирам како засебен едиторијал дополнет со краток преглед на моите модни инспирации, ставови и размислувања. Читатели и следбеници има насекаде и реакциите се или совршени или непостоечки. Публиката или целосно ја разбира мојата модна философија и се пронаоѓа во истата, или потполно им е туѓа.
>> Модните блогери изминативе години станаа важен фактор во модната индустрија. Колку дадената моќ и внимание е оправдана и се топ-блогери според тебе од кои најмногу учиш?
-Дел од најуспешните блогери се навистина подвижни реклами, а често и марионети на брендовите, поради тоа што имаат огромна публика во светски рамки со огромна куповна моќ. За некои блогери, вниманието е во целост заслужено затоа што се многу интересна група која доаѓа од страна на потрошувачите, а поседува интелект, длабоко разбирање за модната индустрија, софистициран личен стил и иницијатива за споделување на истиот, како и познавање на куповните навики на публиката какво што понекогаш немаат ни самите брендови. Блогерите се мост меѓу брендот и потрошувачот и само-мотивирачки индивидуалци кои наоѓаат начин да работат во индустријата која ја сакаат. Многу често и многу од нив се претприемачи кои буквално прават нешто од ништо. Сами го дизајнираат блогот, сами пишуваат, сами фотографираат, сами едитираат, сами работат на односи со јавноста, итн. Тоа ги прави во целост способни да бидат консултанти, стилисти, па дури и дизајнери. Ја обожавам работата на Garance Dore, Rumi Neely од Fashion Toast, Jane Aldridge од Sea of Shoes, Denni Elias од Chic Muse, Evangelie од Style Heroine и Nicole Warne од Gary Pepper Girl, меѓу другите.
>>Дали ги следиш македонските модни блогови, колку меѓу нив има доследни и квалитетни поединци од кои има што да се дознае, научи, види?
-Да, ја следам работата на неколку македонски модни блогови и секако дека има квалитетни и многу вредни поединци. Јас лично би сакала да видам повеќе оригинална содржина од истите и мало оттргнување од сè она што може да се види низ многу други модни извори, бидејќи сметам дека тоа ќе придонесе за создавање на една убава, изворна македонска блог сцена. На тие што сакаат да направат блог или имаат свој, би им советувала да посветат особено многу време на фотографијата, бидејќи таа е 90% од еден добар блог.
>> Соработуваше со креаторката Јована Филиповиќ на нејзината пролетна колекција, каде што се појави како модел. Какво искуство беше ова за тебе и колку моделството ти е блиско и интересно и колку те исполнува активното инволвирање во модата како стилист, дизајнер, советник, модел..?
-Јас воопшто не се сметам за модел. Но кога најдобрата другарка ќе ти изјави дека сака да бидеш дел од каталогот за нејзината нова колекција, едноставно не одговараш со „не”. Тоа е тој женски код на однесување :). Целото сликање беше едно преубаво и многу интимно искуство, затоа што се работи за колекција од особено значење на личност која ја чувствувам како дел од себе. Беше изработен со тим на луѓе кои ги познавам приватно и си поминавме одлично. Иако моделството не го чувстувувам како блиско, целото искуство ми даде добар увид во тоа колку е предизвикувачка и на моменти тешка таа дејност. Секоја чест на девојките кои го бираат како професија. Во поглед на други модни професии, најмногу ми се допаѓа и сметам дека ми лежи креативната дирекција, создавањето приказна поврзана со одредена колекција, временски период, па дури и парче гардероба или накит.
>> Каква е твојата професионалан поврзаност со модата или дизајнот. Со што се занимаваш од 9 до 17?
-Студирав историја на уметност и меѓународен бизнис и во текот на студиите, секој проект на кој работев, вклучувајќи ја и дипломската работа, ми беше поврзан со модата. Кога нешто сакаш, наоѓаш начини да го вклопиш во секој аспект од животот. На професионален план, во последниве речиси три години, од 9 до 17 (поточно од 10 до 18) сум една од машините за идеи во интерактивната маркетинг агенција Glitch Agency. Во слободно време продолжувам да работам на блогот и на дизајн на флаери за моето момче.
>> Кои се парчињата од мозаикот на твојот моден стил. Кој и што има најмногу влијание во градење на твојот моден идентитет?
-Сметам дека нашиот моден и животен стил се во голема мерка базирани на нашиот стекнат вкус. Сè што бираме да носиме, слушаме, гледаме, читаме, влијае на нашиот стил, а нашиот вкус е одговорен за тие наши избори. Лично, никогаш не ми е доста од инспирации. Инспирации за доручек, ручек и вечера! Секојдневно се одушевувам на генијалноста на луѓето, во поглед на модни едиторијали, колекции, веб страни, Tumblr блогови, Pinterest профили на дизајнери, други блогери, музика, албуми и миксови, кавери на плочи, неверојатниот талент на одредени сликари и нивните дела, книги, архитектура, одредени градови, моменти на интеракција со други луѓе, маркетинг кампањи, специјални ефекти во филмови, видео албумот на Бијонсе… Листата е бескрајна. Не можам да поминам ден без визуелна стимулација.
>>Какви беа твоите први искуства со модата? Кога сфати дека облеката е повеќе од парче што ќе те покрие и дека е нешто преку што можеш да се изразиш?
-Многу убаво се сеќавам на одредени парчиња облека кои обожавав да ги носам како малечка. Тоа сеќавање не е врзано само за конкретното парче, туку и за чувстото што го имав кога ќе го облечев. Бирав што да носам уште во градинка и протестирав кога немаше да ми биде дозволено да се појавам како што имав замислено. Обожавав да си ги стилизирам Барбиките, да цртам модели и да носам високи потпетици (без разлика на тоа што ми беа десет броеви поголеми). Несвесно, ми доаѓаше природно да си играм на начин кој од оваа гледна точка изгледа дека е сосема поврзан со модата.
>>Низ години колку твојот личен стил претрпе промени? Низ кои фази помина?
-Немав некои екстремни промени или фази во стилот. Го оставив да се развива полека, дозволувајќи си мали експерименти во меѓувреме. Сепак, како созревам, гардеробата сè повеќе ми се минимализира и затемнува. Ако порано уживав во јарки бои, сега обожавам црно и нијанси на сиво. Ако порано носев еден куп накит, сега го сведувам на едно до максимум две парчиња. Во секој случај, се трудев и сè уште се трудам да се изолирам од трендови и да собирам безвременски парчиња кои можеле да се носат и пред десет години, а ќе можат и во наредните десет.
>>Со кој моден момент од твоите тинејџерски години најмногу се гордееш, а од кој се страмиш кога ќе се погледнеш на старите фотографии?
-Не се срамам толку колку што ме забавуваат одредени комбинации и модни додатоци од минатото. Но и покрај смешните ансамбли, мило ми е што не попримав трендови и влијанија, туку го носев тоа што јас сакав да го носам.
>> Колку си склона кон трансформации на косата, која е најнеобичната фризура, (форма и боја) што си ја имала?
-Од фризери се плашам повеќе отколку од лекари и забари заедно :). Најекстремната промена ја направив во средно училиште, кога косата ја бојадисав неколку нијанси посветла и имав руси прамени. Истрауматизирана од тоа како изгледаше тој имиџ на мене, се вратив на темна нијанса и ја израснав природната боја од почеток. Сега одам на фризер само за минимално кратење и освежување на косата, а бојадисување никако.
>> Од кои модни магазини, ТВ-емисии и модни блогови најчесто се информираш за тоа што е модерно?
-Следам огромна палета на модни извори преку нивните социјалните профили на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, бидејќи така имам најдобар и најбрз преглед на сите новости. Омилени за прибирање на информации и прегледување на колекции ми се British Vogue и Vogue Paris. Love Magazine и Dazed & Confused имаат неверојатно добри backstage фотки од ревиите. Fashion Gone Rogue и The Fashionography имаат најквалитетен преглед на едиторијали. Business of Fashion имаат одличен избор на бизнис- вести од индустријата. Исто така, следам многу дизајнери, фотографи, модни уредници и други индивидуалци кои работат во индустријата и споделуваат во живо од сите важни настани. Оваа комбинација на извори ми дава одличен преглед на сите модни тенденции. На домашната сцена, во последно време најчесто сум на Stylist.mk :).
>> Колку често во продавниците знаеш да го посетиш машкиот оддел и да набавишод таму некое парче што го прилагодуваш на својот стил?
-Толку често што посветив блог пост на тоа, а во иднина веројатно и уште некој . Сметам дека секоја девојка треба да купува во машките оддели на продавниците, барем повремено. Ме фасцинираат неколку аспекти од машката облека. Од дизајнерска гледна точка, тоа се уникатниот крој, квалитетот, удобноста, ноншалантноста, изборот на типографијата на маичките, разлабавеноста на кошулите. Од емоционална гледна точка, тоа се чувствата на сензуалност, мистерија и искушение кои ги предизвикува носењето машка облека. Од стилска гледна точка, тоа е добивањето нова димензија во изгледот и додавање на нешто сосема неочекувано кое делува целосно соодветно.
>> Кој ти е омилен домашен, а кој светски дизајнер (бренд) на облека?
-Од домашните дизајнери ја обожавам работата на Јована Филиповиќ, ми се допаѓа визијата на Александра Митковска и јасно изразениот личен печат во колекциите на Росица Мршиќ. На светско ниво, ги обожавам Изабел Марант, „Балман“’ „Живанши“, Том Форд, „Барбери“ , Хеди Слиман за „Сен Лоран“, Acnе, а во последно време Викторија Бекам и Фаусто Паглиси. Иако најголем дел од мојата гардероба доаѓа од „Зара“, сепак наоѓам нешто за себе низ многу други продавници, зашто купувам парче облека кое ми се допаѓа, а не бренд.
>> Со кои додатоци го комплетираш својот имиџ, кои ти се фаворити оваа зима?
-Минималист сум кога се работи за модни додатоци. Сакам едноставни, а ефектни парчиња како масивни метални алки, кожни и метални ланчиња, едноставни црни ремени, чанти со цврста геометриска конструкција. Сезонава сум опседната со ракавици во комбинација на кожа, метал и кристали, масивни прстени и детали од крзно. Би била пресреќна кога би успеала да си купам едно Fendi Bag Bug.
>> Што ти е пасија? Од кое модно парче имаш најголема колекција дома?
-Дефинитивно кошули. Ги сакам затоа што може да се комбинираат на милион различни начини и се соодветни како за преку ден така и за излегување.
>> Според тебе, кој е најголема модна икона и зошто?
- Карин Ројтфелд и Коко Шанел, не само заради личниот имиџ, туку заради целокупниот животен стил, неверојатната и секогаш свежа модна визија и неспоредливите придонеси кон модата. Карин, зашто со феноменалниот CR Fashion Book покажува дека има живот во модата после Vogue Paris. Шанел, пак, бидејќи живела пред своето време, комплетно ја ослободила жената, создала вистинска модна револуција и креирала парчиња со толку силен печат, што е невозможно да се надминат.
>> Која боја, модел, стил или парче ти се хит оваа сезона?
-Сезонава обожавам бунди, црни капути со строг крој, бебешко розoви капути, кожни здолништа со висока половина, кожни маички на прерамки, тесни фустани до колена, типографички маички, чизми над колена со ниски и високи потпетици и чанти од плексиглас.
Нема коментари