Модната дизајнерка Ивана Кнез и фотографот Жарко Чулиќ соработуваат уште од почетокот на своите „брендови“, таа со нејзината „Драма“, тој со она што денес се води како Zarko Culic Photography, а заедно преку неколку заеднички фотосесии ја размрдаа домашната сцена. Еве го и последниот моден едиторијал на Чулиќ во кој манекенката Tedy носи необични костими за капење со ленти и е украсена со препознатливите привезоци со лик на мачка и задолжителните бисери, а креирани од Кнез.
-Со Жарко работиме од самиот почеток нашите брендови. Првиот моден концептуален едиторијал The Secretary го означи нашиот иден професионален однос кој донесе голем опус на едиторијали презентирани во и надвор од границите на Македонија. Последниот беше спонатно решение на дадена ситуација каде последната колекција, многу мал дел од неа, одлично се вклопи во реализацијата – ни откри Кнез.
GOLDEN STROKES
Фото: Жарко Чулиќ
Модел: Tedy/Crystal
Креации: Ивана Кнез
Шминка: Дани Караиванова
Всушност, колекцијата Submissive беше презентирана за македонската јавност преку едиторијал изработен со Тамара Тодевска, преку кој, како што вели Ивана, доловен е духот и идејата позади концептот на покорност и страст.
-Со оваа фотосесија ја продолживме соработката со модната агенција Crystal од Белград и за првпат во Македонија снимавме со манекенката Teddy која што е дел од агенцијата и работи во Бејрут. За потребите на едиторијалот, времето и локацијата, одлично се вклопи најновата колекција на „Драма“ на Ивана Кнез. Така што направивме втор едиторијал за истата колекција, ама во летен амбиент – ни кажа фотографот Чулиќ.
Новата реализација на фотографот на креациите на Кнез открива летно расположение, па ја прашавме дизајнерката што ни предлага за ова лето.
-Предлагам несекојдневни костими за капење кои оставаат чудни исончани траги, кои што се смели, колоритни и комформи. Накитот нека е масивен, по можност пластичен за да можеме гламурот да го задржиме додека сме во вода. (K.T.)
Нема коментари