Уметноста на облекување во слоеви сите ја применуваме во зимските месеци, а редењето една облека врз друга ни стана зимска „униформа“. Умешноста на прекривањето на телото во повеќе модни парчиња е клучна за да се згрееме кога е многу ладно. Но, миксот на облеката не треба да биде неорганизиран и конечниот изглед не треба да е како да сте се пренатрупале со премногу облека, туку пожелно е да се почувствува стилска хармонија.
Слоевите од облека што планирате да ги облечете не треба да бидам премногу дебели, бидејќи ќе изгледате гломазно. Може да си дозволите едно дебело парче, најчесто тоа е капутот/ јакната/ бундата, останатите елементи се потенки. Внимавајте долните парчиња да бидат од природни материјали кои ќе му дозволат на телотот да „дише“, во спротивно ќе се „сварите“. Мешајте различни ткаенини и текстури, а најдобро изгледа кога сите парчиња облека ѕиркаат по малку.
Миксот на кошула, блејзер и капут е класика, трио кое секогаш нуди елеганција.
Какви бои да изберете?! Успешен микс ќе постигнете ако изберете неутрални тонови во некои од слоевите, што допринесува за софистицираност на комбинацијата и го намалува ризикот од грешка. Одете на беж, темносини и сиви тонови.
Крзното е добра завршница на секоја комбинација. Кај стрендсетерките забележавме доста комнинации со бундичка облечена врз сако, под кое пак има кошула, фустан или ролка.
Јакните со пердуви се задолжителни во зима. Добро грејат, ама за секој случај одоздола можете да облечете и ролка, кожена јакна, и плус комбинацијата да ја засилите со дебел шал.
Мешањето на ткаенини е добродојдено, ама да не претерате и да направите стилски хаос. Памук, волна, кожа, џинс, крзно, фланел… може да биде премногу ако сите заедно се употребат. Почнете со памучна база, додадете нешто волнено, нешто со текстура и тоа е сосем доволно. Исто така во однос на мешањето на шарите, задржете се на истата колор-шема или на принтови од ист стил.
Малку гранџ изглед ќе воведете ако во миксот вметнете карирана кошула. Како и во претходните стајлинизи и кај овој стил препорачуваме да го следите инстинктот, своето модно познавање и примерите од улична мода. Погледнете само колку океј изгледа комбинацијата на девојката на горната фотографија коа што иако облекла повеќе слоеви – ролка, карирана кошула, тексасна јакна, потенка јакна и предимензионирана јакна поставена со крзно – постигнала успешна комбинација!
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари