Модните шоуа на Карл Лагерфелд за „Шанел“ се секогаш тематски и изобилуваат со раскошна сценографија, а за последната ревија на луксузниот француски бренд што се одржа утрово во Париз, избра ентериер кој се однесува на едно од местата ослободени од луксуз – супермаркетот. Како дел од сетот на ревијата стои натписот Un Grand Magazine pour un Grand Palais, буквално голема продавница за големата палата, а фигуративно супермаркетот во Гранд Пале, познатата париска сала во која вообичаено се одржуваат ревиите на „Шанел“.
Всушност, Гранд Пале за оваа пригода беше претворен во голем супермаркет со рафтови полни со производи и тезги со тегли, зеленчук и сирење, низ кои поминуваа манекенките облечени во креации за есен-зима 2014/15. Тука негде помеѓу рафтовите се сместени и гостите на ревијата, меѓу ги видовме Ријана, Ванеса Паради, Кира Најтли и Мелани Грифит.
Од првите фотографии од ревијата на „Шанел“ може да забележиме нагласена употреба на твид, омилената ткаенинa на куќата, нови поспортски верзии на познатото шанел-сако, светкави хеланки и сребрени материјали, геометриски шари и облека во розова, бордо-цвената и сива боја, долги капути од кои некои кои потсетуваат на стилот од 80-тите години и патики (некои дури и високи како чизми) наместо елегантни чевли со високи потпетици.
Нема коментари