Диџеј, сериозен познавач на домашната клабинг-сцена и скопска кул-фаца, Зоки Бејбе ќе го сретнете како зуе низ градот на својот скејтборд ширејќи позитивна енергија. И после толку години пуштање музика во најдобрите кафулиња и клубови, таа му е задолжителен дел од животот. Секогаш весел и насмеан, со Зоки Бејбе зборевме за музиката и за тоа како модата се преплетува во неговиот живот, како преку блиските пријателства со дизајнерите и со една наша позната супермоделка, така и преку неговиот личен стил. Иако добро комбинира модни парчиња, ни откри дека кога повторно би се појавил на телевизија како водител, би ангажирал стилист кој ќе се грижи за неговиот изглед.
>>Со каква музика го почнуваш денот?
-Со музиката од градината на кафулето „Излет“. Од кревет до моето макијато ме делат 30 минути. Најчесто тоа е џез или deep house.
>>Кои албуми артисти ти ја обележаа 2013 година?
-Албумот на рускиот њувејв бенд Human Tetris „Happy Way of the Maze of Rebirth“ е највртениот и најслушан во моите сесии. Кога го слушам како да сè да е во ред со планетата, како 80-тите да не си заминале со добра причина. Вториот албум е ремек дело – микс-албумот на техно и хаус продуцентот од Детрот, Тео Периш насловен како „Black Jazz Signature Mix“.
>>Кои се според тебе најстајлиш музички траки?
-На читателите ќе им го препорачам e мојот stylish Mixcloud. Ова е адресата:
https://www.mixcloud.com/zoki-bejbe/
>>Што значи да си модерен во денешно време?
-Да бидеш свој. Исто така да имаш став кој јасно го покажуваш. Модерен може да биде секој што го следи трендот, но за мене модерни се тие кои први го внесуваат трендот, ненамерно и крајно непретенциозно. Тие луѓе најчесто се добри во нешто друго, а со облеката може да послужат за инспирација. Види, денес сите изгледаат како скејтери или брадосани номади. Модата се инспирира од животот.
>>Зошто маиците од „Југотон“ на тебе изгледаат како да ги искомбинирал некој дизајнер?
-На маиците од „Југотон“ или на оние од „Певекс“ им требаат само добри фармерки и патики и дизајнерот нека си брка своја работа. Стилистите се тие кои комбинираат дизајнерски парчиња за потребите на фотографиите или ревиите. Кога сега повторно би работел на телевизија како некогаш, не би се осмелил да се појавам без стручен стилистички совет или некој што баш го бива, бидејќи познавам и такви луѓе кои се родени стилисти.
>>Најшизичко место каде што си пуштал музика?
„Би Ко Фе“ во Љубљана. Тоа е бар кој Tripadvisor го нарече хипстерска мека, но всушност станува збор за квалитетен уметнички, пред сè музички простор со супер тежина. Да не веруваш колку ова двособно кафанче успеа да ја размрда љубљанската музичка сцена. Наскоро ме очекува втора средба пред пријателите од кои повеќето се диџеи. Како да настапувам пред професори, иако со години сум постар од цела екипа.
>>А најоткачено место?
-Имало многу такви, од журка на платформа на сред море во Албанија, до прозор на кафетерија во Хрватска каде цело лето го поминуваш миксајќи музика по шорцеви и маичка, а навечер пушташ музика во клуб до 5 часот наутро, со купишта колеги од секаде. Тоа ми се случи на Хвар во 2004 година.
>>Твоја топ листа на најдобрите журки во Македонија?
-Првото гостување на познат странски диџеј во Скопје, DJ Dimitri во МКЦ во 1998 година, Еди Ричардс во „Метропол“, Умек во МКЦ, Deetron во Охрид, Дерик Меј во Охрид, Little Loui Vega со скришен настап во „Сектор“. Ниту редоследот е овде битен, ниту останатите журки што ги паметам како магично квалитетни се помалку битни од овие.
>>Можеш ли да го издвоиш твојот најдобар настап во странство?
-Тој се случи неодамна, минатиот октомври во клубот Paradiso во Амстердам. Имаше многу драги пријатели кои живеат таму беа на подиум и прекрасна публика на оваа голема журка.
Сетот не беше долг, но ексклузивен, затоа што беше речиси сиот составен од македонска хаос и техно продукција. Незаборавно!
>>Што знаеш за македонската мода?
Ау, еден период буквално живеев со неа. Александар Ношпал ми беше најдобар другар, воедно имам едно прекрасно и многу посебно пријателство со Никола Ефтимов. Тоа беа години кога сцената се создаваше, па беше возбудливо. И денес следам мода онолку колку што можам. Имам пуштано музика на многу ревии, но последна со која се гордеам беше ревијата на Кокев-Кадриу во дворот на музејот на ВМРО. Гостите на ревијата цупкаа од што им се допадна музиката. Каква сатисфакција.
>>Кој домашен дизајнер најмногу го следиш во работата?
Бобан Илиевски бидејќи со својата прва ревија покажа дека ќе биде лидер и од него може само да очекуваме чуда. Росица Мршиќ прави совршени дизајни, а и самата е најдобро дотерана млада жена во Скопје. Лидија Георгиева која има толку силен печат и која да може семафорите ќе ги дотера, последно нешто што видов беше мебел. Литка е француска школа човек, не само дизајнер. И секако Тања Кокев која е веќе силен бренд во секоја смисла, од креативен, па до бизнис аспект.
Нема коментари