Харизматичниот актер Васил Зафирчев не случајно се најде во улога на танчер во првата сезона на шоуто „Танц со ѕвездите“, а потоа како дел од жирито, бидејќи од неговиот кул-профил можеме да заклучиме дека танцот има големо влијание во неговиот креативен живот. Актерот периодов, покрај репертоарните претстави во Велешки и Драмски театар, го очекува и изведби на буто-перформансот „Дневникот на хулиганот“, како и репетииции за најновата претстава „Сината птица“ од Морис Метерлинк, во режија на Златко Славенски каде што ја игра улогата на Светлината и чија премиера се очекува наскоро во Македонскиот народен театар. Паралелно со тоа почнува и со режијата на претставата „Алма Малер“ од Сашо Димоски, со Милица Стојанова и Ѕвезда Ангеловска во насловната улога, која е во копродукција на Арт-Маркетинг и МНТ. Несомнено Зафирчев сака да се изразува преку неколку медиуми, да глуми, да танцува, да режира, да го кажува кажува својот јасен став за суштински теми, да слуша оперски арии и да претставува дефинирана модна визија. Еве ги омилените нешта на Васил и уметничките влијанија што одиграле улога во неговото изразување.
>>Повеќе ти се допадна улогата на танчер натпреварувач или член на жирито во „Танц со ѕвездите“?
-Повеќе уживам кога сум на танцовиот подиум.
>>Омилена танцова двојка од втората сезона?
-И двете двојки кои влегоа во финалето. Наташа и Даниел заради извонредната техничка спрема, а Сара и Мишо заради акробатските елементи и емоционалноста во танцот.
>>Улога со која најмногу се гордееш?
-Се гордеам со сите кои сум ги остварил. Но, ако морам да издвојам тогаш од театарските би била Евгениј Онегин, а од филмските Ира во „Соба со пијано“.
>>А улоги кои допрва сакаш да ги одиграш?
-Улогите одамна не ме интересираат, туку само темите кои се театрализираат, режисерските концепти, естетиките и соработката со сродни уметници.
Колеги кои што најмногу ги почитуваш?
-Мери Бошкова, заради гламурозноста на вистинска дива, Милица Стојанова заради префинетата емоционалност, Мето Јовановски заради ерудитноста, Ѕвезда Ангеловска заради кративната лудост. Големи уметници со кои покрај препознавањето и сродноста, ме врзува и посебно убаво пријателство.
>>Како во неколку зборови ќе го опишеш „Дневникот на хулиганот“?
-Моја лична приказна, исто колку што е сечија, затоа што е длабоко човечка во суштината и универзална во интимноста.
>>Пееш ли уште француски шансони, можеби по дома или пред избрано друштво?
-Ретко. Иако уживам да ја слушам француската шансона. Особено онаа на Жак Брел.
>>Каква музика слушаш периодов?
-Оперски арии.
>>Каков концерт посакуваш да видиш овде кај нас?
-Unplugged концерт на Ени Ленокс. И тоа во интимна атмосфера.
>>Топ 5 најдобри филмови на сите времиња?
„Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс
„Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски
„Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик
„Часовите“ на Стефан Далдри
„Господар на прстените“ на Питер Џексон
>>Омилен танц?
Румба.
>>Омилени модни дизајнери?
Џон Галијано
Александар Меквин
Виктор и Ролф
>>Моднa иконa на коja и’ се восхитуваш?
-Џони Деп.
>>Мажите треба да внимаваат на изгледот, исто како и жените, нели?
-Апсолутно. Надворешната убавина и кај мажите мора да е одраз на внатрешната.
>>Кога би можел да бираш, во која период би живеел?
-Барок и рококо. Заради префинитетиот однос кон уметноста и враќањето кон античките концепти за убавина.
>>Дела од уметноста и културата што ти сменија погледот на светот?
-Казу Оно и неговиот Буто-танц
Маљевич и неговиот симболизам
Дали и неговиот однос кон Бог
Томаж Пандур и неговата сетилна поетика
Пина Бауш и нејзиниот танц-театар
>>Ако не беше актер, ќе беше танчер или пејач или нешто сосема трето?
-Ќе бев уметник…
>>Најкул личности што си ги сретнал во животот?
-Ги има повеќе. И сите нив ги врзува лудоста и неверојатниот талент.
Нема коментари