Една цела генерација порасна со клубската приказна што Марија Атанасовска ја раскажуваше за разиграниот град во музичката емисија Twisted City на телевизија „Телма“. Тоа беше приказна за експанзијата на денс-културата, на нејзините подеми и падови. Ги претстави најуспешните регионални фестивали, беше домаќин на бројни светски познати музички имиња и промотор на македонската независна музичка сцена… По 13 години дојде време за „Нови хоризонти”. И покрај тоа што сега подготвува емисија од поинаков карактер, со поширока палета на теми, сепак останува препознатлива по прекарот Марија „Т-град“, но и по препознатливиот професионален жар. Со откривање на своите омилени нешта таа ќе ни разоткрие и дел од својата лична приказна.
>>Каква музика се врти на твојата плеј-листа во моментов?
- Во последно време уживам во музиката на Џејмс Блек, „Модерат“, „Атомс фор Пис“, „Тиндерстикс“, „Бон Ивер“… Во инспиративна и емотивна музика. Од пред некоја година (заради мојата ќеркичка) на мојата музичка листа има и детски песнички, па се случува да потпевнувам и рефрен од „Златно Славејче“ .
>>Кои се најважните личности со кои си правела интервју?
-Отсекогаш ми било најтешко да одговорам на вакви прашања, бидејќи навистина е голем бројот на врвни и истакнати музичари кои што дадоа интервју за време на 12 годишното емитување на музичкиот магазин „Т-град“ на „Телма“. Можеби би можела да ги издвојам разговорите со личностите за коишто чувствував голема возбуда, дури и мала трема пред интервјуирањето, а тоа се Ралф Хитер од легендарните „Крафтверк“, американската мултимедијална уметница Лори Андерсон и 3Ди и Деди Џи од бристолскиот трип-хоп состав „Масив атак“. Е сега, не сум сигурна дали се кул, но без сомнеж се исклучителни уметници.
>>Се сеќаваш ли на првиот концерт на кој си била?
-Секако. Тоа беше концерт на „Психомодо поп“ во некогашен Дом на Млади, а денешен МКЦ. Но би сакала да го наведам и моето прво фестивалско искуство, во декемви 1995 година, на „Т-Фест“- еден од најдобрите македонски музички фестивали. Во иста вечер, на иста бина настапија „Продиџи“, „Дог ит дог“, „Ренегејд Саундвејв“, „Ликвид лимбс“, „Архангел“… Незаборавен музички настан кој покажа дека во тој момент Македонија беше на вистинскиот пат, насочена кон новите хоризонти во музиката. За жал, години подоцна не се регрутира нова публика за современа музика, и целата сцена сериозно скршна од патот. Денес сликата е поразителна.
>>А твоја топ-3 листа на концерти одржани кај нас?
-Сепак ќе наведам неколку од моите највпечатливи музички искуства… „Kрaфтверк“ во 2005, настапите на Дејвид Брн во 2002, „Меркјури Рев“ во 2005 и „Масив атак“ една година подоцна во рамките на „Оф-фест“ , концертите на „Орбитал“, 2012 на „Скопје гори“, „Продиџи“ во 1995 на „Т-Фест“, „Молоко“ 2003, „Едиторс„ во 2010…
>>Кои ти се омилени македонски музичари?
-Новиот музички бран со себе донесе многу креативни и квалитетни македонски бендови. Меѓу нив се „Бернајс пропаганда“, „Мугер фугер“, „Беј д фиш“, „Д Џон“,Сашко Костов, „Фолтин“… Неминовно е да се споменат „Архангел“, веројатно највлијателниот македонски музички состав.
>>Кои писатели сакаш да ги читаш?
-Ми се допаѓаат впечатливите книжевни дела на германските писатели Бернхард Шлинк и Патрик Зискинд, а тука е и современиот британски писател Дејвид Мичел.
>>Последна книга од македонски автор на која вредеше да се прочита?
-Многу ми се допадна дебитанстскиот роман ,,Единаесет жени’’ на Снежана Младоновска Анѓелков, кој беше прогласен за роман на годината во 2011. Со нетрпение го очекувам нејзиното ново книжевно остварување.
>>Кои ти се омилени музичари?
-Слушам навистина разновидни музички стилови. Од „Депеш мод“, „Сигур рос“, „Рејдиохед“, „Арктик манкис“, Ник Дрејк до „Дед кен денс“, „Херкулес енд лав афер“ или Фор Тет. Во секој музички фолдер и потфолдер пронаоѓам инспиративни музички елементи. Еден период навистина уживав во бесконечното преслушување, пребарување и откривање нова музика. Сега, признавам дека имам се помалку време за тоа.
>>Слушаш ли радио?
-Само додека возам. Неколку години работев и на радио. Имав емисија која ги следеше клупските трендови и ги рефлектираше најновите музички тенденции. Понекогаш ми недостасува тој медиум бидејќи е прекрасно искуството кога со слушателите можеш да ја споделиш музиката која веруваш дека е безвременска.
>>Луксуз е…
-Луксуз е животот во природа и уживањето во неа, луксуз се здравиот животен стил и здравата храна, луксуз се вистинските пријатели. Луксуз се човековите права. Работи кои што ни припаѓаат но се потешко се доаѓа до нив.
>>Кој е изворот на твојата среќа?
-Здравјето и среќата на моето семејство. Прегратките на мојата ќеркичка. Одморот покрај море и прошетките во природа со моите најблиски. И уште многу други ситни работи кои што придонесуваат животот да има вистинско значење и да биде прекрасен.
>>Омилен дел од денот?
-Порано ми беше ноќта, а сега се утрата.
>>Вечна инспирација?
-Добрата музика.
>>Стилска икона?
-Кејт Мос
>>Светска дестинација што сакаш да ја посетиш?
-На листата се Камбоџа, Јапонија, Кина и неколку арапски земји.
>>Незаборавно место на кое си била?
Лично не ги сакам премногу неколкудневните големи фестивали под отворено небо бидејќи кога е топло е премногу прашливо, а кога врне дожд е калливо. Нема да го заборавам МТВ Валкана фестивалот кој во 2002-та се оддржа на спортскиот аеродром Медулин во близина на Пула. Вечерта почна да врне толку силен дожд што музичкиот настан мораше да биде прекинат поради невремето. Сите автомобили на паркингот беа заглавени во калта, а посетителите мокри до гола кожа едвај се движеа по црвеникавата кал. Бидејќи градот не го одобруваше одржувањето на фестивалот на Истра, не обезбеди никаков транспорт за неколку илјадната публика, па река луѓе пешачеше повеќе од еден час до Пула на поројниот дожд, измачкани со кал до колена. Тогаш си ветив дека никогаш повторно нема да го посетам овој настан, но сепак не останав доследна на одлуката. Следната година екипата на „Телма“ беше присутна на најголемиот електронски фестивал во тоа време во Хрватска, кој се одржа во Ровињ.
>>Твоја топ-листа на најдобрите журки во Македонија?
-Сите оние забави од крајот на 90-те и почетокот на 2000тата кога македонската музичка сцена имаше жар и визија, кога подиумите беа преполни со луѓе кои вистински уживаа во музиката до изгрејсонце и кога имаше толку интензивна енергија што неколку британски диџеи ја споредија енергијата на лондонската клупска сцена. Тоа беа навистина убави времиња.
>>Личност што сакаш да ја запознаеш?
-Такви тенденции имав во тинејџерските години. Повеќе не. Демистифицирањето на познатите личности некогаш знае да разочара, па сметам дека е доволно само искуството со креативниот аспект и творештвото на музичарот или уметникот. По одредени средби ме мачеше прашањето, како некои од тие луѓе можеле да создадат толку длабока и инспиративна музика. Повеќе ми се допаѓаше кога ги познавав само како автори.
>>Книга, музички албум и филм што ти го сменија животот?
-Откако ги преслушав првите дискографски изданија на „Орбитал“, ФСОЛ и „Продиџи“, сериозно ме заинтригира електронската музика. Голем дел од приватниот и професионален живот ги посветив на овој стил во музиката. Благодарение на тие музички изданија ја искусив најкреативната фаза на ова музичко движење.
>>Со каква музика го почнуваш денот?
-Денот го почнувам во тишина, со шоља кафе, зелен чај или сок од цеден лимон. Потоа им се препуштам на звуците и мелодиите на денот.
>>Кои се според тебе најстајлиш музички траки?
-Тие што во себе го носат духот на новото време, кои се претставници или предвесници на новите тенденции во музиката.
>>Што за тебе значи да си модерен во денешно време?
-Тоа е многу тешко да се дефинира. И не сум сигурна што е точно модерно во ерата на реални шоуа и старлети како Ким Кардашјан или Парис Хилтон. Но сакам да верувам дека станува се помодерно доброто образование, изградените семејни вредности, здравиот начин на живот, самореализираноста, слободоумноста и космополитизмот.
>>Пет омилени албуми?
1. Radiohead – In Rainbows
2. Future Sound of London-Dead Cities
3. Massive Attack – Mezzanine
4. Tindersticks -The Something Rain
5. LCD Soundsystem-Sound of Silver
Нема коментари