Очила за сонце украсени со нагласени додатоци, чанта во форма на уста и модел за на рака со поп-ап шари се трите уникатни адути со кои скопјанката Ксенија Котев влезе во игра на престижниот интернационален моден натпревар MUUSE x Vogue Talents Young Vision Accessories Award 2014. Таа е втората Македонка, по Лидиа Јовановска, која конкурира во овогодишниот избор за најдобри дизајни на модни додатоци, во организација на светски позната платформа за следење, развој, продукција и дистрибуција на дизајните на младите таленти- MUUSE, и на највлијателниот моден магазин, Vogue. Натпреварот се одржува онлајн, а својот глас за Ксенија може да го дадете до 17 февруари. Победникот добива објава на четири страници во Vogue, а MUUSE ќе го продава победничкиот производ.
-Задоволство ми е да учествувам на овој натпревар, бидејќи сум во избор помеѓу млади и талентирани дизајнери. Победникот добива колекција која ќе биде промовирана и продадена со потпис од самиот дизајнер од страна на MUUSE, како и профил на Vogue Talents-вели Котев.
Колекцијата со која учествува на натпреварот прв пат беше презентирана во Амбасадата на САД во Скопје, минатиот април, во рамки на проектот Pop Fashion! на Модниот викенд-Скопје.
-Боите како и формите содејствуваат со темата и се инспирирани од 60-тите години на минатиот век. За изработка на чантите користев кожа и платно, а кај очилата – пластика.
Ксенија има дипломирано моден дизајн на „Академија Италијана“ во Фиренца, а мастер-студиите, за дизајн на модни додатоци, ги заврши во Милано на Domus Academy.
-Во Domus Academy стекнав искуство за изработка на накит, чанти и чевли. Слушав и предавања од тутори од специјализираното школо за чевли и чанти Ars Sutoria…Гледано наназад најзначајни моменти од мојата модна приказна се соработката за своите тези со брендот за накит Dodo во Милано во Domus Academy. Како и сите останати колаборации со познати дизајнери. Работев на проект како дизајнер на накит и за нашиот бренд „Голдмак“-вели Котев.
Нејзните модни додатоци се наменети за секоја индивидуа што сака да биде забележана и се чувствува посебно и свое носејќи урбано парче на себе. Ксенија моментално стекнува работно искуство во Македонија, но и во странство.
-Засега сум во Скопје, каде што работам на проект кој ќе биде презентиран кон крајот на оваа година-вели таа.
Нема коментари