Круни, шноли, венчиња, стегачи, цветови, платнени или метални украси и додатоци со циркони, се само дел од накитот за на коса, што ја одбележа 2013 година. Многу верзии видовме на црвениот килим изминативе 12 месеци, од дискретни шноли што се вклопуваа во имиџот, до додатоци што паѓаа во очи….Сара Џесика Паркер, Мишел Вилијамс, Сиена Милер, Никол Ричи, Кели Озборн, Никол Кидман, Дајан Кругер, Зое Салдана и многу други трендсетерки и актерки изминатава година носеа уникатен избор на додатоци за в коса. Овие украси може да бидат и совршен избор за новогодишниот изглед за овој 31 декември. Додатоците за коса не се парчиња што можете да ги носите секојдневно и се наменети за посвечени пригоди, па затоа се идеални за најлудата ноќ, особено ако сакате да бидете уникатни и да не се поклопувате со ниедна друга девојка на забавата.
Моделите се најразлични, од романтични – налик на цветни и римски венчиња, преку луксузни со кристали и бисери, секси со црна тантела, па сè до панкерски варијанти. Можете да импровизирате и да направите креација во ваш дизајн, со некое парче накит, ѓердан, брош или обетки, кои ќе ги прицврстите со црни шноли или стегач, или пак на обрач-ластик ќе прилепите/закачите цветови, пердуви или колани…. можностите се бесконечни, а едно е сигурно – дека тоа ќе биде круна на вашиот изглед за овие празници. Следуваат неколку идеи какви украси за на глава да изберете за оваа Нова година. (А.Н.)
Бунтовнички изглед со украси со метални нитни или со венче со ситни кистали. Косата можедабиде разбушавена,навитката или собрана.
Косата, собрана високо во кок, може да ја украсите со венче или шнола, со што ќе и дадете посвечен изглед.
Шнолите со циркони можете да ги носите дискретно на една страна одкосата зад ушите или да ги сметнете во косата доколку е прибрана .
Додатоците со црна тантела, свилена панделка или мини шапка ќе вметнат секси нота во вашиот стил
Лентите за на чело и мини турбаните се за девојките со послободен дух и тие што негуваат хипи- изглед
Венчиња во стилот на модата од 20-тите години и модели богати со светкава мониста и кристали ќе вметнат свечена нишка во вашиот празничен изглед .
Венчиња со платнени, пластични и со метални цветови, кои може да се носат и во снежните денови.
Панделките се иделни ако сакате да направите стилска игра со девојчешки имиџ и да го разбудите детето во себе.
Една иста фризура може да добие безброј многу изгледи благодарение на различните украси за на глава.
Нема коментари