Македонската компанија „Жито пром“ годината ја почна со учество на еден од најголемите саеми за слатки во светот ISM кој се одржа во Келн, Германија, а главниот производ со кој се претставија беа кроасаните 4U. Тие може да се најдат во сите поголеми маркети во земјава, но се продаваат и во Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Италија, Холандија, Норвешка, Катар и Бугарија.
- Една од нашите цели, остварувањето на нови контакти на саемот успешно ја спроведовме. Ни пријдоа заинтересирани, потенцијални партнери од речиси секој дел од светот, поточно од околу 50 земји. Се вративме со неколку потврдени соработки и со уште повеќе во најава. Очекуваме дел од овие контакти да преминат во успешни соработки – велат од „Жито пром“.
На манифестацијата која траеше четири дена штандови имаа 1650 изложувачи од целиот свет, а ја посетија повеќе од 38.000 професионалци од оваа сфера меѓу кои и производители, дистрибутери, претставници и сопственици на ланци на маркети од различни земји итн.
- Го нарекуваат најслаткиот саем на светот и земајќи го во предвид бројот на компании кои учествуваат може да се каже дека името е комплетно заслужено. Предизвик е да се истакнеш во морето на понуди, но кога имаш добар производ како што се кроасаните 4U и креативност тогаш секогаш може да се постигне посакуваниот резултат – објаснува менаџерскиот тим на компанијата „Жито пром“ од Гевгелија.
Иако претставувањето на саемот во Келн е одличен почеток на промотивните активности за годинава, компанијата планира уште многу новитети во 2018.
- Ќе биде напорна година со големи промени и крупни чекори. Очекуваме отворање на нови пазари и пласман на производи во нови земји со кои дојдовме во допир преку саемот. Втората фабрика за производство на кроасани е завршена и веќе се тестираат новите линии, се засилува тимот што стои зад целата приказна и напорно се работи сето ова да се доведе до регуларно функционирање. Има идеи и за нова линија на производи и вкусови на кроасани – посочуваат од компанијата.
Кроасаните 4U засега се произведуваат со вкус на какао, јагода, ванила и кајсија и со мешаните вкусови на какао и ванила и вишна и ванила. Сите вкусови ги има во единечна варијанта, како и во фамилијарно пакување.
- Тајната на кроасаните се крие во внимателно подготвените парчиња со природно кисело тесто наречено мајка, тоа ја зазема главната улога во процесот на печењето на кроасаните. 4U имаат и ИСО 22000 сертификат доделен од една од водечките институции во секторот на безбедност на храната TUV Норд, а се во процес на комплетирање на ИФС, широко применет светски стандард за контрола на безбедноста на храната и степенот на квалитет на производителот. Во моментов работиме и на нови производи како кроасанот со двојно повеќе чоколадо и премиум варијантата со лешник полнење. Има и некои поинтересни идеи и планови за развој на нови вкусови и типови на кроасани годинава. Имаме најавено соработки со странски консултанти, што ќе ни помогнат во развојот на оваа нова палета – посочуваат од „Жито пром“.
Компанијата е сместена во близина на Гевгелија брои повеќе од 40 вработени. Долгорочниот план на менаџерскиот тим е насочен кон освојување на странските пазари како и на зацврстување на позицијата на домашниот пазар.
Нема коментари